Македонка од Струмица со сопругот има 7 градинки во САД: „Почетокот беше многу тежок, си го сакам родното место, но не би се вратила таму“
- Детали
- вторник, 12 јули 2022
„Многу тешко најдов работа кога се преселив во САД. Процесот за отворање сопствен бизнис беше многу долг, а денес имаме 7 градинки. Се грижиме за деца од 2 месеци до 12 години“ – раскажува за CRNOBELO.com струмичанката Македонка Пaлифрова Брукс која од 2015-та година заедно со сопругот Филип Брукс живее во САД.
Македонка Пaлифрова Брукс е мајка на 3 деца (едно девојче и две момчиња) која заедно со сопругот Филип Остин Брукс е сопственичка на седум градинки во САД.
Нивната љубовна приказна започнала во нејзината родна Струмица, каде живееле една година заедно, а од 2015-та година се преселиле во САД.
По добивањето на документите тие двајца одлучиле да си заминат од Струмица, каде вели мислењата за нив како пар биле поделени и да се преселат во родниот Далас на Филип.
Во интервју за CRNOBELO.com Македонка раскажува колку биле тешки почетоците таму за започнување сопствен бизнис, но појаснува и како воопшто изгледа денот на дечињата сместени во нивните градинки.
Како се запознавте со сопругот Филип и од каде е тој по потекло? Како започна вашата љубовна приказна?
Со сопругот Филип Остин Брукс се запознавме во Струмица. Тој беше дојден од Далас САД да игра кошарка за струмичкиот клуб Аба. Врската ни започна многу спонтано, запознавајќи се еден со друг подобро.
Живеевте една година во Струмица, како ја прифаќаа луѓето вашата врска? Дали наидувавте на критики и осуда или лесно ве прифатија?
Додека живеевме во Струмица, за некои луѓе бевме интересен пар, а пак за други, тема за критика и озборување. Од било кој аспект, беше различно искуство на внимание.
Што работеше на почетокот кога стигна во САД, дали брзо и лесно се навикна или ти требаше повеќе време?
На почетокот кога се преселив во Далас, не беше лесно да најдам работа како што сакав. Немав претходно искуство, дојдов од земја сосема различна од Америка и секако не беше како што замислував дека ќе биде за мене.
Требаше време да го научам системот на живот тука. Првата работа што ја добив во Далас беше учителка во градинка за деца.
Како дојде до идеја да отвориш сопствени градинки во САД?
Работата која ја добив како учителка во градинка ни даде идеа и секако ми помогна и искуството кое го добив додека работев во градинката.
Лесно ли се започнува сопствен бизнис во САД? Колку време траеше процедурата за започнување сопствен бизнис?
Не беше лесно. Ни требаше време да добиеме дозволи и лиценци за првата градинка, да ги поминеме сите инспекции од различни области за безбедност.
Уште на почетокот, со сопругот ја поделивме работата и работиме како тим, секој со своите одредени обврски.