Д-р Верче Тодоровска, дерматовенеролог: „Испитувајте ги бенките, меланомот на почеток наликува на бенка“
Што треба да се преземе во случај на повреден/раскрвавена бемка?
Прво и основно да се дезинфицира местото, да се запре крвавењето и потоа задолжително да се направи преглед кај дерматолог за да се провери дали се работи за обична повредена бенка или меланом.
Меланомите во одредена фаза од својот развој лесно крварат, дури и при мала или никаква повреда.
Симптоми на рак на кожа, кои луѓето можат сами да ги забележат…
Нова промена на кожата која личи на бенка особено по 45-годишна возраст, расте и се менува, каква било раничка на кожата која не заздравува по месец дена, израсток во боја на кожа или црвеникав кој брзо расте, и нема никакви придружни симптоми (не боли, не чеша, не крвари).
Најмладиот пациент на кој сте дијагностицирале рак на кожа…
Имаше само 26 години, за среќа меланомот беше во почетна фаза и пациентот беше излекуван, со самиот хируршки зафат.
Кај која возрасна група се јавува најчесто?
Најчесто се јавува по 50-тата година, но тој е најчеста причина за смртност кај млади жени од 19 до 29-годишна возраст.
Кога станува збор за меланомот, кои се трите работи кои мора да ги запомниме?
Меланомот може да се јави каде било на кожата (не само на откриените делови) под косата, под ноктите.
Може да се јави на која било возраст, не само кај постарите. Не мора да биде темен по боја, постојат амеланотични (безбојни) меланоми кои се боја на кожа или црвеникави.
Изгорениците од сонце и употребата на солариум го зголемува ризикот за појава на меланом до 75%.
Дали меланомот се враќа и постои ли превенција?
Меланомот носи многу висок ризик за повторна појава и раширување во виталните органи, односно метастазирање што доведува до загрозување на животот. Токму затоа е најмалигниот кожен карцином.
Превенцијата се состои во редовна употреба на средства за заштита од сонце и годишни превентивни дермоскопски прегледи.
Страдаат ли Македонците од оваа болест?
Бројот на меланоми од година во година расте, повеќе од 100.000 случаи годишно, и околу 16.000 смртни исходи во Европа.
Тој е 6-та по фреквенција малигна болест во европски рамки, и една од 20 најчести причини за смртност од канцер.
Порака до сите кои се плашат да направат преглед…
Меланомот е ЕДИНСТВЕН КАРЦИНОМ КОЈ МОЖЕ ДА ГО ВИДИМЕ, не замижувајте пред него,
САМО ДОКОЛКУ РАНО ГО ОТКРИЕМЕ МОЖЕ и КОМПЛЕТНО ДА ГО ИЗЛЕКУВАМЕ!
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело