Д-р Верче Тодоровска, дерматовенеролог: „Испитувајте ги бенките, меланомот на почеток наликува на бенка“
- Детали
- среда, 22 јануари 2025
„Ако дојде до повреда на бенка, прво и основно е да се дезинфицира местото, да се запре крвавењето и потоа задолжително да се направи преглед кај дерматолог за да се провери дали се работи за обична повредена бенка или меланом“, вели д-р Верче Тодоровска, специјалист по дерматовенерологија, од Скопје.
Д-р Верче Тодоровска, специјалист по дерматовенерологија, од Скопје има работно искуство од 6 години како општ лекар и 15 години дерматовенеролог.
Таа од август 2023-та е сопственик и управител на ПЗУ Дерма Нова, Скопје. Единствен носител на професионална диплома за дермоскопија, сертифицирана од Универзитетот во Квинсленд, Австралија, ЕАДО fellowship, на Универзитетот Аристотелис, во Солун,
Автор е на бројни научни публикации и активен учесник на повеќе дерматолошки конференции, како во регионот, така и во светот (Светски ден на здравата кожа, Светски Дерматоскопски Конгрес 2021, Виртуелна Меѓународна Конференција за Дерматоскопија Бразил, 2022, Виртуелен состанок на тема Психодерматологија, Југоисточна Азија, 2022, Интернационален Дермоскопски ден, Велика Британија, 2023, Светски Дерматоскопски Ден 2024) и предавач на европски и светски дерматолошки конференции. Коавтор е на дерматоскопски атласи, и книги за дермоскопија.
Член е и на Здружението на Дерматовенеролози на Македонија, Европската Асоцијација за Дерматоонкологија (ЕАДО), Интернационалното Здружение за Дерматоскопија(ИДС), Европската Аоцијација за Дерматовенерологија (ЕАДВ). Во ноември 2024 избрана за Национален Претставник во Интернационалното Дермоскопско Здружение, 2024-2027.
Д-р Верче Тодоровска за CRNOBELO.com споделува совети на тема скрининг на кожа и меланом:
Што претставува дермоскопија и како се изведува?
Дермоскопијата претставува безболна, неинвазивна метода за рано откривање на рак на кожа.
Се изведува со помош на дермоскоп, еден вид на рачен дермоскоп.
Прегледот со дермоскоп е брз и безболен, едноставно овој рачен микроскоп се поставува на површината на кожата и се набљудуваат дермоскопските структури.
Самоедуциран дерматолог може успешно да ја користи дермоскопијата за рана детекција на меланомот и останатите кожни тумори. Тоа подразбира дополнителна обука за совладување на дермоскопската азбука, за правилна интерпретација на бројни специфични обрасци, дијагностички алгоритми кои ни помагаат да одредиме дали промената на кожата е од малигна или бенигна природа.
Колку често треба да се изведува?
Секој човек треба еднаш во годината да направи ваков превентивен преглед, таканаречен скрининг за рак на кожа, исто како што правиме скрининг за рак на дојка со ехопреглед и мамографија, ПАП за рано откривање на рак на грло на матка итн.
Покрај за дијагностицирање на меланом, за дијагноза на кои други болести може да помогне?
Дермоскопот го олеснува дијагностицирањето на скоро сите промени на кожата како: воспалителни кожни болести (себореа, лихен, розацеа), габични инфекции, паразитски и инфективни заболувања, болести на опаѓање на косата и промени на ноктите.
Колку е клучно раното откривање на ракот на кожа во процесот на лечење?
Раното откривање на ракот на кожа е од пресудно значење за успешно лекување.
Меланомот откриен во најраната фаза се лекува само со хируршка интервенција, без никаква дополнителна терапија. Процентот на успешност во тој случај оди до 99%, што е скоро рамно на излекување.
Дали треба да се испитуваат бенките и дали е препорачливо хируршко отстранување?
Испитување на бенките е неопходно бидејќи меланомот во своите почетоци многу наликува на бенка.
Само дермоскопскиот преглед ни овозможува да процениме дали се работи за обична бенка или меланом.
Доколку утврдиме дека се работи за сомнителна бенка или можен меланом неопходно е таа бенка хируршки да се отстрани и со проверка на истата под микроскоп да се постави точна дијагноза.
Некогаш бенките се отстрануваат и само доколку им пречат на пациентите, или од чисто естетски причини. Не постои ризик од отстранување на бенка, и секоја бенка може да се отстрани.
фото: depositphotos.com
Каква форма на бенки е загрижувачка?
Бенка која се разликува од останатите, која расте и се менува, има асиметрична форма, неправилни рабови и повеќе бои.
Дали е во ред да се отстрануваат папиломите од кожата, на кој начин и дали тоа носи некако ризик со себе? Зошто излегуваат?
Папиломите се сосема бенигни промени кои најчесто се јавуваат на места на кожни набори, каде има нагласено триење. Кај некои луѓе постои и генетска предиспонираност, исто така почести се во бременоста поради хормоналното влијание, а може да се поврзани и со инсулинска резистенција.
Папиломите претставуваат и естетски проблем, не постои никаков ризик за нивно отстранување доколку е изведено од страна на стручно лице-дерматолог, по претходно направен дермоскопски преглед.