Сара од Струга прави украси од филигран и волна: „Занаетот го научив од дедо ми, во неговиот дуќан го поминав детството“
- Детали
- среда, 23 октомври 2024
„Волната најчесто сама ја обработувам, а процесот е прилично тежок. По шишање на овците таа прво се пере, се суши, потоа уште еднаш се чисти од остатоци кои не излегле во перењето, па се влачи“, вели стружанката Сара за CRNOBELO.com, која изработува уникатни парчиња накит и украси.
Сара Матовска Јолеска (29) е дипломиран правник и сертифициран графички дизајнер.
Живее во Струга и моментално е невработена, но своето време го посветува на рачните изработки од волна и филигран, кои станаа нејзин заштитен знак.
Сара изработува накит, украси, приврзоци, а од неодамна и необични фигури.
За својата љубов кон занаетчиството, колку е тешко да се обработи волната и како успева да биде уникатна и своја, таа ни раскажа во разговотот за CRNOBELO.com:
Дали ја негуваш од дете љубовта кон занаетот или тоа дојде подоцна во животот?
Љубовта кон занаетчиството, би рекла дека ја носам во гените.
Потекнувам од занаетчиско семејство, а детството и раните тинејџерски години ги поминав во дуќанот на дедо ми кој беше кувенџија и саатчија.
Едноставно, занаетчиството е како дел од мене, од мојата личност.
Колку години имаше кога почна да учиш како се изработува филигран и колку е тежок за работа? Дали денес го користиш во твоите изработки?
Не можам да прецизирам колку години сум имала кога научив да изработувам филигран, како што реков, постојано бев во дуќанот на дедо ми и учев од него.
Бев релативно мала кога заедно го направивме првото приврзоче во форма на срце, кое и ден денес го носам.
А колку е филигранот тежок занает, тоа е многу релативно.
Би рекла дека сѐ што сме научиле додека сме мали ни изгледа лесно, но не секогаш е така.
Филигранот е прилично захтевен за работа, бара посветеност и прецизност при работењето, но кога нештото те исполнува и го работиш со љубов, сѐ е многу полесно.
Денес во моите изработки најчесто го користам во комбинација со филцана волна и тие се препознатливи токму по тој спој на сребро и волна.
Од каде идејата да вметнеш волна во парчињата што ги креираш?
Идејата дојде прилично спонтано. За техниката суво филцање волна дознав на интернет, па почнав да се едуцирам и да ја изучувам преку разни изработки.
Првично, паралелно правев накит и од волна и од филигран, сѐ додека не пробав како би изгледал тој спој, а се испостави како успешен.
Дали сама ја обработуваш волната, и како изгледа целиот процес на нејзина изработка?
Да, најчесто сама ја обработувам волната. Процесот е прилично тежок.
Волната после шишање на овците прво се пере, се суши, потоа уште еднаш се чисти од остатоци кои не излегле во перењето, па се влачи.
Оваа постапка трае прилично долго, па кога имам прилика, гледам да набавам готова волна од странство.
Каков сè накит може да се најде во твојот асортиман? Што ти е најлесно, а што е најтешко за изработка?
Во мојот асортиман има од сѐ по нешто, брошови, обетки, огрлици, белегзии и тука е застапен спојот на филигран и волна.
Но мојот омилен дел се приврзоците и 3D портретите на домашни миленици.
Специфични се и уникатни зашто ги правам според фотографија од миленикот.
По желба на сопственикот, може да се изработи и од крзно на миленикот со што изработката станува уште поуникатна.