Аница Бебиќ: „Работев како туристички аниматор во Хрватска - возрасните најмногу сакаа аква фитнес, а децата мини диско“
- Детали
- среда, 03 април 2024
„Аниматорите имаат програма како за деца, така и за возрасни по која се водат. На пример: наутро има утрински вежби за возрасни, аква фитнес, а за деца има креативни работилници и друштвени игри“, раскажува Аница Бебиќ од Прилеп која седум месеци работеше како туристички аниматор во Хрватска, во хотели со 4 и 5 ѕвезди.
Аница Бебиќ од Прилеп е дипломиран физиотерапевт, но нејзината желба во текот на животот се променила и низ годините се стекнува со стручен академски назив дипломиран актер, а досега има играно во голем број на претстави, но и режирано свои.
Аница е од оние луѓе кои постојано сакаат да се надоградуваат, па затоа учи да свири тапани, танцува на свила, а посетува и часови по фитнес и танц на шипка.
Во продолжение следува разговор за CRNOBELO.com со Аница, која со сето искуство зад себе ни раскажува за нејзиното работно искуство како туристички аниматор во Хрватска...
Аница скоро 7 месеци работеше како туристички аниматор во Хрватска во хотели со 4 и 5 ѕвезди. Со какво искуство се врати во Македонија?
Како искуства ќе одвојам тоа што научив да возам кајак, научив доста танцувачки кореографии, моделирање балони, сликање на лице, се спуштив со „зиплајн“, стекнав доста пријателства и посетив доста дестинации.
На кој начин ги анимираше гостите во хотелите? Кои беа твоите задачи и одговорности?
Аниматорите имаат програма како за деца, така и за возрасни по која се водат. На пример: наутро има утрински вежби за возрасни, аква фитнес, а за деца има креативни работилници и друштвени игри.
Понатаму, во попладневните часови се одвиваат друштвени игри во вода, како за деца така и за возрасни, а вечерната програмата опфаќа караоке, бинго, а за најмилите мини диско.
Правев листа на песни со кои ќе настапував тој ден. Смислував креативни работилници за деца, барав интересни друштвени игри…
Што е она што најмногу им го привлекуваше вниманието на гостите?
Аква фитнесот е тоа што најмногу привлекува внимание кај возрасните, а кај децата мини диското. Со тоа би рекла дека туристите најмногу сакаат да танцуваат.
На кој начин остваруваше близина со гостите?
Тоа што ние самите бевме сместени во хотелите каде што се и гостите помагаше да сме поблиску до нив но и кога имаше музика во живо, таа вечер правевме презентација на нашата програма и разговаравме со гостите дали се задоволни од истата.
На тој начин бевме не само професионални, но и пријателски настроени кон нив, со што самите тие беа доста благодарни и сè повеќе беа присутни на нашите активности.
Од каде имаше најмногу туристи?
Хрватска отсекогаш била доста посетена земја од многу држави. Германците, Словенците, Англичаните и Полјаците беа најбројни, но имаше и Французи и Скандинавци.
Како е да се работи со деца на туристичка дестинација и како e најлесно да им се задржи вниманието?
Децата се голема одговорност, но во исто време тоа е најзабавната и најблагодарната работа на светот.
Тоа што претходно имав искуства со креативни работилници ми помогна лесно да го пренесам знаењето на нив.
На децата најмногу им се привлекува внимание со игра и награда. Така да треба да се прават натпревари и игри каде за победникот ќе следи награда.
Можеш ли да споделиш некоја интересна случка која посебно се истакнува?
Во работата најинтересно ми беше тоа што направивме детско шоу „Малата сирена“, а надвор од работата ќе го издвојам тоа што се спуштив со „зиплајн“ кој се наоѓа кај кањонската река Сетина на 3 километри од Омиш.
Најголемиот кабел од вкупно осум е 700 метри и е на 150 метри од нивото на земјата.
Во кои сè места имаш работено како туристички аниматор?
Задар, Биоград на Море, Тучепи, Обоњан, Шибеник, Вели Лошињ…
Кои спомени прво ти паѓаат на памет кога ќе се спомене Тучепи, Шибеник, Задар, островот Обоњан…?
Во Тучепи пријателствата со нашиот тим, но и прекрасното чисто море, за Шибеник ќе кажам дека градот изгледа доста уметнички, Задар покрај брегот има оргули кои даваат извонреден звук, но и инсталацијата наречена Pozdrav suncu.
Сплит, секако, Диоклецијанова палата, но и споменикот на Григор Нински кој има златен палец и постои верување дека ако се допре и замисли желба, истата се исполнува.
Обоњан секогаш ќе ме потсетува на прекрасната природа, но и по тоа што видов делфини…
Како го поминуваше слободното време?
Во слободното време посетував знаменитости, како на пример Вранското Езеро во близина на Биоград на Море, пливав, а скоро секогаш со нашиот тим спремавме нови кореографии и разменувавме идеи и искуства.
Како туристички аниматор и немаш баш слободно време затоа што работиш во 3 смени, па гледаш времето да го искористиш максимално.
Кои други градови успеа да ги посетиш за време на твојот престој во Хрватска?
Ги посетив Макарска, Сплит, Пакоштане, Подгора, Меткович, Вргорац…
Што имаш во план за ова лето?
Во последниве 2 години сум go with the flow па така немам одреден план и ќе оставам времето да покаже што ќе биде ова лето.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело