Неверојатни податоци за седумте светски чуда на античкиот, средниот и модерниот век
Местата за коишто сте слушнале само во античката литература како висечките градини на Вавилон, локации под морето како што е големиот корален гребен, или места надвор од нашата атмосфера како што е астероидниот појас…
Што од ова ви звучи најинтригантно?
Сте се запрашале ли како овие „чуда“ го наоѓаат своето место на ваквите листи, зошто се само седум и кој решава за овие работи?
1. Постојат многу листи на светските чуда чија идеја е да ги прикажуваат најспектакуларните места и зданија во светот. Овие листи се дополнувале и менувале со текот на годините, меѓутоа оригиналната листа е позната како „Седумте светски чуда на античкиот свет“.
2. Овие седум светски чуда биле базирани на прирачници коишто ги користеле старите елинистички патописци.
3. Сите седум од чудата на античкиот свет се лоцирани околу Медитеранот и Месопотамија (бидејќи во тоа време било ограничено колку далеку може да патуваат туристите).
4. Бројот седум бил најверојатно одбран бидејќи старите Грци верувале дека тој број претставува совршенство. Сепак, некои историчари сугерираат дека бројот седум е одбран затоа што во тоа време биле познати само 5 планети, а кога на тоа ќе ги додадеме и сонцето и месечината, се доаѓа до бројот 7.
5. Оригиналните седум светски чуда се: Колосот на Родос, големата пирамида во Гиза, висечките градини во Вавилон, светилникот во Александрија, мавзолејот на Халикарнас, статуата на Зевс во Олимпија и храмот на Артемида во Ефес.
6. Постоењето на едно од седумте светски чуда е под знак прашање, бидејќи би било многу тешко да се наводнуваат висечките градини во Вавилон, а и нема многу сведоштва за нив во античката литература. Затоа некои историчари сметаат дека ова место е само плод на фантазијата.
7. Единственото светско чудо од антиката коешто постои и денес е големата пирамида во Гиза.
8. Втората најпозната листа е листата на светски чуда од средниот век. За разлика од античките, за овие светски чуда нема консензус за тоа кои од нив треба да се на листата.
9. Најчестите светски чуда од средновековието се: катакомбите на Ком Ел Шокафа во Александрија, Колосеумот, Кинескиот ѕид, Аја Софија, кривата кула во Пиза, порцеланската кула во Нанџинг и Стоунхенџ. Останати чуда коишто може да се најдат често на листата се: цитаделата во Каиро, катедралата на светото тројство во Елај и Таџ Махал.
10. Третиот бран на листи е со модерните светски чуда, а тука очекувано владее голема дебата за тоа која е вистинската листа, бидејќи новите сакаат да влезат на листата, а старите не сакаат да ја напуштат.
Една од најпопуларните листи е онаа на Американското Здружение на Градежни Инженери.
Во 1994 тие направија листа на седумте светски чуда на модерниот свет со особено внимание на градежните достигнувања на дваесетиот век. Во оваа листа се вклучени: Еуротунелот под Ла Манш, кулата ЦН во Торонто, Емпајр Стејт билдинг, мостот Голден Гејт, браната Итаипу, холандскиот Делта систем за одбрана од поплави и Панамскиот канал.
(О)Милена | Црнобело