Верба во неправдата на животот, жалење и озборување: Навики кои ве прават несреќни
Ако погледнете и размислите подобро, ќе забележите дека среќните луѓе се слични еден со друг, како и несреќните.
Најчесто тоа е заради сличните ставови и навики кои ги имаат и ги прават такви какви што се.
Психолозите советуваат да набљудувате личност чиј карактер и живот се привлечни за вас, и да преземете одредени карактеристики во однесувањето.
Нема ништо лошо во тоа, туку е само мала психолошка игра што воопшто не претставува имитација на одредена личност, туку водење според одредени добри навики.
Исто така, треба да ги избегнувате лошите навики на луѓето околу вас кои свесно или несвесно и вие ги имате.
Навики кои ве прават несреќни и треба да ги исфрлите од животот:
Живеете за другите
Ориентирање кон она што другите го мислат и обид за задоволување на останaтите е погрешен пат по кој луѓето се одлучуваат да тргнат. Научете да бидете независни од другите и да имате свое „јас“.
Бидете способни да кажете „не“ на непријатните околности и барања. Тоа е ваш живот.
Желба да ги исполните стандардите
Вие сте уникатни и такви треба да останете. За менталното здравје и животниот напредок е добро да не се споредувате со останатите или со себеси во минатото.
Можеби сега сте станале подобри, поуспешни и попаметни, без разлика на туѓите очекувања и поставени стандарди. Секој си знае што го исполнува.
Страв од иднина
Немањето желба за движење нанапред може да биде предизвикано од опседнатост со негативни мисли дека тоа би можело да заврши лошо и да не успеете.
Но, наместо да се плашите, замислете си дека најлошото ќе се случи и размислете како ќе се однесувате во тој случај. Искалкулирајте ги вашите чекори и ослободете се од стравот.
Недоверба во луѓе
Добро е да бидете претпазливи и да не верувате слепо во секого и сѐ што ќе ви кажат или понудат. Но, постојаното очекување на лоши работи од луѓето и верување во стапици, никого не може да направи среќен.
Верба во неправдата на животот
„Сите имаат повеќе среќа од мене“, „И на тие што не им требаат, добиваат повеќе пари од мене“, „Само јас немам моќно семејство и не можам да успеам без врски“ и уште многу други фрази кои луѓето кои веруваат во неправдата на животот често ги кажуваат, тешејќи се за својот неуспех.
Но, мора да се ослободите од овие мисли, така што ќе престанете да се споредувате со другите и нивните достигнувања и финансиски ситуации, а ќе се фокусирате на вашите цели, таленти, задачи и желби.
Жалење и озборување
Потребата постојано да се жалите прави да влезете во маѓепсан круг од кој нема излез. Психолозите советуваат да правите едноставна „вежба“ – поправете ги сите добри работи кои се случуваат околу вас.
Оваа концентрација на позитивните аспекти од животот ќе ви го промени размислувањето и ставовите за животот.
Потреба за контрола над сѐ
Навиката постојано да сакате работите да ги држите под контрола ви го прави животот „отровен“. Оваа желба често води до неспособност да го прифатите однесувањето на другите.
Треба да сфатите дека некои работи во животот ќе функционираат и без вас, а тогаш можеби ќе бидат и подобри, па дозволете да видите.
Одложување на работите за подоцна
Ценењето на времето е една од тајните на успешните и среќни луѓе. Бесконечното губење време на социјални мрежи, одложување на задачи или состаноци – сето ова води кон тоа дека моменталните случувања во животот не ве прават среќни и мора да промените нешто.
Премногу сериозен став
Сосема е во ред во одредени моменти да бидете сериозни и да го покажете тоа пред останатите, но понекогаш треба да се опуштите, да се насмеете и да покажете дека сте среќна личност која ужива во животот.
М. М. | Црнобело