Игра со зборови: 7 фрази кои често ги користат лажговците
Постојат луѓе кои не е воопшто тешко да ги фатите во лага, бидејќи едноставно не се умешни, а ни уверливи. Па, со нив - си немате проблем. Но, ако наумите да преиспитате некого, што во оваа лоша навика е вистински експерт, тогаш постојат неколку детали на кои вреди да обрнете внимание.
Се сеќавате ли на бајката за „Пинокио”? Веројатно паметите дека дрвената кукла имаше проблем со кажувањето невистини. А, баш секој пат кога ќе кажеше лага, неговиот нос се зголемуваше...
Но, лесно е да ги решите проблемите во бајките. Во реалниот свет, лажговците вообичаено не ги стигнува казната, додека не ги откриете.
Дури и да им порасне носот, тие сигурно би се подложиле на пластична операција, само за да не бидат фатени во својата лага.
Меѓутоа, психолозите велат дека не е невозможно да препознаете кога некој ве лаже, дури и ако неговиот нос остане со иста големина.
Во продолжение се наоѓаат седумте клучни фрази, кои секој докажан лажго ќе се обиде да ви ги сервира, на еден или друг начин – за да не го разоткриете.
На вас е внимателно да слушате и набљудувате, а црвената сијаличка за аларм самата ќе ви се запали:
1. „Не може да се докаже.“
Помалку или повеќе експлицитно, оваа фраза несомнено сугерира дека личноста што ја кажува направила грешка, но бидејќи не постои видлив доказ за истата, нема да ја признае.
2. „Тоа е сѐ.“
Кога некој свесно ги задржува информациите, ќе биде особено внимателен со своите зборови.
A, oваа фраза е совршен завршеток на приказната во која лажливецот премолчил или измислил половина од работите, обидувајќи се да ги избегне дополнителните прашања од другата страна.
3. „Не се сеќавам.“
Проблемите со меморијата се мошне чести за лажговците. Сигурно сте слушнале дека една од најтешките умствени задачи при кажувањето невистини, претставува помнењето на правците во кои се движат искажаните лаги.
Вистината е една и единствена, па е едноставна за кажување и повторување, додека лагата е конструкт, а како таква, налага и добро паметење на приказната. Тоа е често прикажано и во криминалистичките серии или филмови, особено при сцените во судницата.
Најчесто, на лажговците им е полесно да кажат дека на ништо не се сеќаваат, одошто да се заплеткаат во сопствениот лавиринт на измислици. А, доколку случајно ги затекнете во лага, ќе го негираат секое нивно сеќавање на нешто кое претходно го сториле или кажале. Тоа им помага да ја прикријат измамата.
Пригодно, зар не?
4. „Немам поим за што ми зборуваш.“
Наведената фраза подразбира целокупно и категорично одрекување. Вообичаено, лажливите луѓе се обидуваат да негираат сѐ одеднаш.
Знаете дека се свесни за што им зборувате, меѓутоа тие нема да ги признаат нивните невистини. Многу е тешко да ги наведете таквите личности да ги признаат своите лаги.
5. „Ти мене ме обвинуваш?“
Погледнете го невиниот израз на нивното лице, додека лажговците ја изговараат oваа прашална реченица.
Ќе забележите и една карактеристична гримаса, како искривување на усните, зад која ја прикриваат подбивната насмевка – најповеќе поради вербата дека ќе ве надмудрат.
Во овој случај, целта им да ја префрлат топката во ваши раце, обидувајќи се од вас да направат сомничава будала што не верува во нив.
Со таквиот потег, ќе ве поттикнат да заземете одбранбен став, а текот на разговорот сосема ќе се промени.
Не паѓајте на нивниот трик!
6. „Зошто јас би го направил/а тоа?“
Наместо да ви даде конкретен одговор на поставените прашања или забелешки, неискрената личност ќе почне да ве испитува вас.
На тој начин, лажливците ѝ прават замка на другата страна, за тие самите да не мора ништо да одговорат.
Ако почне да ви бара причини, дефинитивно лаже. Притоа, ќе се обиде да ве запре колку е можно повеќе, од навлегување во длабочината на расправата.
7. „Дали навистина мислиш дека јас би можел/а да направам такво нешто?“
Одново, сиот товар и тежината на аргументите паѓа врз вас со ова мало трик прашање.
Картата на жртва е повторно искористена, а овојпат, намерата на лажговците им да ви побудат чувство на вина, за нешто кое не сте го ни направиле.
Во одредени случаи и им успева, колку и да ни е тешко да го признаеме тоа.
Измамниците може да одат до било која мера, само за да ги зачуваат своите лаги скриени од светот.
Едно е сигурно - тие никогаш нема да ги присвојат своите грешки или лоши дела.
Самиот обид да им изнудите признание, претставува вистински предизвик и јуначки подвиг.
А доколку ги слушнете овие фрази, треба да знаете и како соодветно да одговорите.
На пример, ако некој ви каже дека не се сеќава дека кажал или направил одредена работа (точка 3), тогаш може да го прашате на што конкретно се сеќава.
Чесниот човек ќе ви одговори веднаш и без двоумење, додека на лажливецот ќе му треба време за имагинација, смислувајќи фиктивни приказни од земјата на чудата.
М. А. | Црнобело