6 работи што не треба да ги правите кога не можете да заспиете
Сите сме имале моменти кога никако не можеме да заспиеме навечер. Колку и да се превртуваме по креветот, да пиеме топол чај или да читаме книга за да нè успие, понекогаш ништо не помага.
Знаеме дека за полесно да заспиеме не треба да внесуваме кофеин неколку часа претходно.
Но, има и други работи кои не треба да ги правите ако сакате да заспиете:
Не лежете во кревет повеќе од 20 минути
Ако не можете да заспиете во првите 20-30 минути откако ќе легнете, станете и одете во друга соба. Правете нешто што ќе ве смири и вратете се кога ќе почне да ви се приспие.
Не ги палете светлата
Не ги палете светлата во собата. Светлината ја намалува количината на мелатонин кој го произведува организмот, хормонот кој е задолжен за циклусот на спиење и будење. Палењето на светло му сигнализира на телото дека е време да се разбуди, а не да заспие.
Не седете на мобилен или на компјутер
Сите сме зависни од телефоните преку ден, но навечер треба да ги оставите подалеку од вас, особено ако не можете да заспиете. Светлината од екранот, исто како светлината од сијалицата, го намалува нивото на мелатонин и не само што потешко ќе заспиете, туку и спиењето ќе биде со прекини.
Не јадете и не пијте алкохол
Не паѓајте во искушение да го отворите фрижидерот и да каснете нешто слатко или солено, а посебно не некоја тешка храна, како на пример нешто што останало од ручекот. Многумина мислат дека една чаша вино ќе ви помогне полесно да заспиете, но сепак алкохолот е штетен во ваква ситуација. Можеби ќе ви помогне да заспиете, но ќе го наруши квалитетот на спиењето.
Не се грижете дека не можете да заспиете
Го гледате саатот и се нервирате од самата помисла дека утре нема да можете да станете. Не го правете ова. Стресот уште повеќе ќе ве растревожи. Важно е да се опуштите колку што можете. Обидете се да мислите на нешто позитивно или да медитирате.
Не останувајте да спиете долго наредното утро
Ако не сте на работа или немате обврски следниот ден, станете во вообичаеното време. Не поспивајте повеќе само затоа што сте легнале подоцна. Така ќе го нарушите циклусот на кој е навикнат вашиот организам и ќе имате слични проблеми и наредните денови.
М. В. | Црнобело