Зависни сте од телефонот? Време е за дигитален детокс
Сите сме свесни дека со нашите животи управуваат екрани. Екрани на телефон, екрани на компјутер, екрани на таблет, по цели денови сме загледани во нашите паметни уреди и никако не можеме да се откажеме од нив.
Дел од нас се свесни и знаат да направат пауза од технологија, но на останатите им е потребна мала помош.
Еве неколку совети како успешно да спроведете вистински дигитален детокс:
1. Направете листа на уреди
Прво што треба да направите е да напишете листа со уредите кои ги користите секојдневно. Потоа, направете уште една листа на која ќе ги напишете работите кои сакате да ги правите, но не наоѓате доволно време. Ова ќе ви помогне да увидите колку време трошите на технологија и како тоа време да го скратите за да правите работи во кои ќе уживате.
2. Поставете реални цели
Ако во просек погледнувате во телефонот на секои 6 минути, секако дека нема да можете целосно да го скратите тоа време и воопшто да не погледнувате. Поставете цели кои реално можете да ги постигнете. На пример, ветете си дека за почеток нема да го проверувате телефонот додека ручате или вежбате.
3. Променете само една навика
Обидете се една лоша навика да замените со добра. На пример, договорете се да ги оставите телефоните на купче или пак да го исклучите лаптопот додека ручате или гледате серија дома и обидете се да издржите да не си го побарате телефонот за време на тие активности. Понатаму ќе ви биде полесно да смените и други лоши навики.
4. Разговарајте со внимание
Многу често, додека разговараме со некого или некој ни зборува, погледнуваме во телефонот или компјутерот и не посветуваме целосно внимание, што понекогаш може да делува како незаинтересираност или непочитување на соговорникот. Организирајте го времето подобро за да немате потреба од мултитаскинг.
5. Кажете им на другите што сакате да постигнете
Ако им кажете на повеќе луѓе дека правите дигитален детокс ќе бидете должни да го исполните тоа и да правите помалку отстапки. Плус, ќе им дадете пример со вашето однесување и ќе ги поттикнете и нив да направат позитивна промена во својот живот.
М. В. | Црнобело