Денот може да биде убав дури и кога си станал на лева нога
Има денови кога стануваш со ужасна главоболка. Ти прелетува црна мисла дека ќе доживееш уште еден мрачен ден, ќе се преместуваш од спалната на троседот во дневната и обратно.
Во последната бела фиока од кујната ги бараш лековите од домашната аптека. Наоѓаш кафетин, кафетин менструал, аналгин, андол, аспирин, парацетамол, кетонал, вентор, рупурут, парацетамол, лексилиум, редергин.
Врска немаш од лекарства, па почнуваш да ги читаш упатствата и да размислуваш како да ги искомбинираш бидејќи главоболката станува сè понеподнослива. Одеднаш чувствуваш ужасен мирис, кафето ти претекло. Се обидуваш да го средиш хаосот, но некој упорно ѕвони на твојата влезна врата… Да, почеток не месец, стигнаа сметките. Почнуваш од телефонската и сфаќаш дека е повисока од твојата месечна плата. Се трудиш да не мислиш на ништо.
Се прашуваш, што, како и зошто и одеднаш ти стигнува смс порака со прашалното зборче „кога“! Ми недостигаш кога ќе те видам!? Истиот момент се откажуваш од таблетите, веќе главоболката поминува, си правиш ново кафе и си го местиш креветот.
Уживаш на балкон со кафе, пишуваш порака во која стои „за сат време биди на нашето место“, си дозволуваш чоколадо на сред диета, се тушираш, ја одбираш најдобрата облека, капнуваш од најскапиот парфем во твојата колекција, и со насмевка ја заклучуваш вратата.
Излегуваш, чекориш и имаш чувство како да си доживеал нешто ново и магично. Како животот да започнал сега и сè се менува на подобро. Не се обидуваш да ја сокриеш насмевката, сакаш и случајните минувачи да знаат дека си среќен иако можеби никогаш повеќе нема да се разминеш со нив. Твојата омилена мелодија ти ги напаѓа сивите клетки. Знаеш дека денот не секогаш по утрото се познава!
Пријатели, некогаш е токму така, не судете за денот ако почнал лошо, некогаш вреди да се занемари првиот впечаток, некогаш треба само длабоко да воздивнете и да не размислувате на ништо минута-две.
Некогаш, малите нешта ќе ви го направат денот голем, некогаш неочекувано ќе се појави некој во вашиот свет и ќе имате чувство дека го познавате цел живот и (не)случајно ќе ви стане близок за кратко време.
Радувајте се , насмевнете се. Неочекувани нешта, убави моменти, чуда, љубовни приказни како од бајките се случуваат кога најмалку се надевате. Токму на следниот чекор, ваше е само да го направите!
Автор: М.К. | Црнобело