Зошто овие голи гради нема да бидат цензурирани?
Сведоци сме на тоа што фотографиите од голи гради секојдневно се отстрануваат од социјалните мрежи, а на билбордите низ улиците речиси и не можеме да ги замислиме.
Но, сега за прв пат, нецензурираните фотографии од женски гради ќе се најдат на билбордите низ цела Велика Британија и тоа со многу добра причина.
За да се подобри свеста за ракот на дојката, хуманитарната организација Coppa Feel ја започна оваа кампања посветена на разговорите за женските гради и редовните прегледи.
Постерите кои прикажуваат различни типови природни гради, во наредните 6 недели ќе бидат објавени со следната порака:
„Кога се во прашање градите постојат илјада зборови со кои можете да ги опишете. Затоа, бидете во тек со своите и кажете ни како вашите нормални гради изгледаат. Тоа сознание би можело да ви го спаси животот!“
„Сакаме да им прикажеме на девојките и жените дека градите се нешто нормално за што треба да се зборува. Друштвото и медиумите градите постојано ги спомнуваат во сексуална конотација, но со оваа кампања сакаме да истакнеме дека градите се тема на која сериозно треба да се разговара,“ вели Крис Халенга, основач на организацијата Coppa Feel, која имала рак на градата на само 23 години.
Токму затоа, целта на кампањата е женските гради да бидат опишани онакви какви што се - цврсти, меки, опуштени, стегнати, мали, големи...