Трка со сопруги на грбот, оцрнување невести, вечера со одвратна храна - 7 чудни обичаи низ Европа
Насекаде луѓето се различни, особено кога ќе ги погледнеме луѓето од другите земји и нивните обичаи.
Секоја нација има своја историја и прославува различни настани. Ова се само мал дел од најчудните и најмалку познатите обичаи коишто се прославуваат низ Европа.
Дали знаевте дека во Шпанија можете да фрлате со домати по луѓето? Сте слушнале ли за камшикувањето на жени за време на Велигден во Чешка?
Ќе ве запрепастат уште неколку поневеројатни работи кои се сосема нормални обичаи низ Европа:
Томатина фестивал: Шпанија
Дали повеќе сакате да јадете зеленчук или да фрлате по луѓе со зеленчукот? Доколку го претпочитате второто, ви препорачуваме да го посетите градот Буњол во Шпанија и да се придружите во најголемата борба со домати во светот.
Настанот се одржува во последната среда од август и може да биде последното место кое ќе го посетите пред крајот на летото. Денес веќе е заборавено како започнала традицијата, но учесниците ја продолжуваат секоја година бидејќи е многу забавна.
Пливање во Дунав за Водици: Романија
Можеби не знаете многу за Романија, па затоа еве еден интересен податок: За време на Водици, како и кај нас, така и во Романија, се фрла крстот и тоа во реката Дунав. Сепак, Дунав е многу поголема река и фаќањето на крстот се претвора во пливање по него.
Затоа за време на оваа традиција задолжително е пиењето на вотка, бидејќи нема многумина коишто можат подолго време да ги издржат ниските температури на реката во зима.
Понеделник на камшикувањето жени: Чешка
Кутрите жени во Чешка каде што постои суров и чуден обичај токму за време на Велигден. Обичајот се состои во камшикување на жените со врбови гранки во понеделникот наутро по Велигден.
Најчудното е тоа што по камшикувањето, жените мораат да ги наградат мажите со вапсани јајца или чашка алкохол. Луѓето веруваат дека камшикувањето дава сигурност дека жената ќе биде плодна и витална.
Шампионат во носење сопруги на грбот: Финска
Доколку ви е здосадено да трчате сами, можеби треба да го пробате омилениот фински спорт „носење на сопругата“. Мажите ја земаат сопругата и така се тркаат до целта.
Правилото е дека жената мора да се носи наопаку додека го држи мажот со рацете околу половината, а со нозете околу рамената. Доколку сте доволно брзи, може да учествувате и на меѓународниот шампионат кој се одржува секоја година во Сонкајарви во Финска.
Оцрнување на невестата: Шкотска
Секоја девојка сонува за еден од најважните денови во нејзиниот живот – свадбата. Таа го замислува совршениот момент до детали, дури и доколку нема момче во моментот. Сите работи се испланирани, почнувајќи од тортата, до местото на одржување и сè останато.
Сепак, во Шкотска не е така. Таму има традиција што се состои во оцрнување на невестата. Тоа значи дека се собираат нејзините пријатели и фамилијата и ја прекриваат невестата со расипано млеко, кал, сосови и останати гадни работи.
Причината за оваа традиција е за да им се докаже на невестата и момчето дека ако може да го истрпат ова понижување, ќе можат да ги истрпат сите пречки во нивниот брак. Тие сметаат дека оцрнувањето придонесува кон среќниот брачен живот.
Трупци од измет (Caga Tió): Каталонија
Во Европа постојат многу традиции поврзани со Божиќ. Сепак, има еден непознат обичај којшто вреди да се спомне. На почетокот на декември во домовите во Каталонија, Шпанија, може да се најде предмет кој се нарекува Caga Tió, којшто е всушност дрвен трупец со нацртано лице на едниот крај.
Во буквален превод ова се вика трупец од измет. Трупците носат традиционални црвени капи и за нив се грижат децата, па дури и ги хранат, така што им даваат разни слатки. На Божиќ на децата им се дава дрвена прачка со која треба да го удираат Caga Tió.
Додека трае ова може да се пее и специјална песна, а потоа откако трупецот ќе се отвори од ударите со стапот, внатре ќе најдат мали играчки и слатки.
Вечер на јадење одвратна храна (Þorrablót): Исланд
Многу традиции се поврзани со храна, па така и оваа исландска традиција не се разликува од ова. Има гозба за Thorri којашто се слави во јануари, оригинално гозбата се вика Þorrablót. Исланѓаните за време на оваа гозба ја јадат најодвратната храна која може да ја пронајдат, како на пример: кисели тестиси, варени овчи глави или ферментирани ајкули.
Зошто некој би сакал да го јаде ова? Историски, Thorri ја претставува зимата. Никој не знае како ова се прославувало порано, но луѓето порано ја пушеле, закопувале или ја пресолувале храната за да може да трае подолго.
Способноста да се изеде овој вид на храна се смета како знак за сила во модерната исландска култура.
(О)Милена | Црнобело
Би можело да ве интересира:





