Младите луѓе се под најмногу стрес - 5 начини како да се ослободите од него
Луѓето на возраст од 18 до 34 години се изложени на најмногу стрес, во споредба со останатите возрасни групи. Процентот на самоубиства за оваа старосна група се зголемил за 27% во периодот од 2000 до 2015 година.
Што ги прави младите на оваа возраст толку вознемирени?
Прво, наоѓањето (и задржувањето) на добра работа, која ќе биде финансиски исплатлива и емотивно задоволувачка.
Овој проблем генерално не се однесува само на „милениумските“ луѓе (анг. Millennials), но особено ги погодува оние кои пораснале со телефонот во рака и со сета технологија која нè опкружува денес.
Како резултат на рапидниот развој на технологијата, луѓето се сè повеќе изолирани, физички одвоени (иако виртуелно се постојано поврзани) и подепресивни отколку кога било.
Тоа е навистина огромен притисок и товар кој секој го носи сам.
Доколку чувствувате дека чашата ви е преполнета, а стресот и напнатоста ве совладуваат, ова се 5 едноставни начини како да се ослободите од анксиозноста:
Намалете со скролањето по друштвените мрежи
Се будите со телефонот до вас. Го земате во тоалетот. Скролате на Фејсбук додека сте на веце шолјата. Ставате срциња на Инстаграм со едната рака додека миете заби. Читате твитови во автобусот. И одново и одново, во истиот круг до крајот на денот.
Луѓето на возраст од 18 до 35 години „голтаат“ информации од ваквите социјални мрежи скоро до 18 часа дневно. Да се живее во толку информирана доба води до последици по квалитетот на животот, како чувство на лутина и осаменост.
Наместо да се фокусирате на бесмислени информации, фокусирајте се кон вас – на вашето срце, ум и животот кој ви се случува во моментот.
Постои една зен изрека која вели: Слика од торта не може да ви го задоволи гладот.
Преводот во денешно време би бил: прекрасните Инста-фотки изострени и дотерани со филтри до совршенство не може да го заменат чувството дека сте празни одвнатре.
Потсетете се на она што е важно.
Кога го јадете вашиот ручек, целосно фокусирајте се на храната. Бидете присутни. Не гледајте ТВ, не зјапајте во телефонот. Кога шетате во природа на размислувајте каква прекрасна фотка може да направите за на Инстаграм и кој филтер ќе го употребите.
Наместо тоа, шетајте, уживајте во тишина или во директен разговор со некое драго лице. Поврзете се со природата и луѓето без употреба на технологија.
Со еден збор – бидете старомодни.
Не се споредувајте со другите по секоја цена
И овој проблем е тесно поврзан со претходниот. Се будите, сабота наутро е. Сè уште сте во вашите пижами, мрзеливо се влечете по дома, си варите бокал кафе… на Инстаграм утрото започнало порано за некои луѓе. Тие се веќе будни, стегнати во својата облека за вежбање и го искачиле Водно.
Блескаат на сонцето, живеат здрав живот и во форма се. А каде сте вие? Одвај се разбудивте, ви отиде денот попусто.
Ваквиот „споредувачки ум“ е болен и токсичен и е нус-производ на нашата друштвено-социјална виртуелна култура.
Споредувачкиот ум ве води во мрачни и несигурни места, каде што постојано си ги поставувате прашањата – Дали сум доволна вредна? Постои ли некој што ме сака?
А за одговорите се вртите кон сите други околу вас, наместо кон единствената личност која е вистинска важна – самите вие.
Проблемот е во тоа што, колку и да вложувате, труд, колку и да работите на т.н. „сопствен бренд“, секогаш ќе има некој што изгледа подобро од вас, некој поуспешен, некој кого го следат повеќе луѓе, некој кому животот му е навидум песна и сè му оди лесно од рака.
Кога ќе сфатите дека пливате во море исполнето со секојдневни споредувања со другите луѓе, земете здив, притиснете пауза и запрашајте се: Што ако сум доволно добар, токму сега во овој момент?
Кога ќе почнете да верувате во себе и сопствениот потенцијал, споредбите со другите ќе завршат, затоа што повеќе немаат смисла.
Соочете се со стравот
Секојпат кога се обидувате да го игнорирате или оттурнете стравот, тој се враќа уште пожестоко, како да има план за одмазда.
Кога конечно ќе се соочите со него и можете да го почувствувате како продира во телото, сфаќате дека стравот сепак има што да ве научи.
Секое соочување со стравот е уште една лекција во животот. Сите сме луѓе и сите грешиме. Стравот од неуспех е особено присутен кај младите во денешното општество.
Во ред е да се падне, сè додека станете. Во ред е да се доживее неуспех, така ќе го спознаете и ќе го цените успехот.
Секогаш кога сте во можност соочете се со стравовите, наместо да бегате од нив, без разлика дали се работи за нешто банално, како страв од некое животно, страв од височина, страв од запознавање нови луѓе, или пак страв од скршено срце.
Замижете, вдишете и бројте до 10
Поради стресниот начин на живот сите реагираме непромислено и напнато, без да ја анализираме ситуацијата со ладни глави.
Следниот пат кога сте на раб на некоја импулсивна одлука или мисла за изговарање, само замижете, вдишете длабоко и избројте до 10 во себе.
Ако ви се чини како добра идеја да го кажете или направите нештото и после тие 10 секунди, тогаш сторете го тоа. Во спротивно, молчете и дозволете нервозата да испари како лош спомен.
Научете кога треба да притиснете пауза во животот.
Не стојте сами, стојте во група
Точно, секој кој сака да си помогне прво треба тоа да го стори сам. Никој нема да ви помогне повеќе отколку вие самите.
Но, во време како денешното, кога сме изолирани и многу повеќе отколку што е потребно, потребата за социјализација е неизбежна.
Не заборавајте, не сте единствените кои се чувствуваат уморни, тажни и поразени од системот. Потребно е само малку да го отворите срцето и да пронајдете истомисленици.
На тој начин ќе си олесните малку на душата, како за почеток. Тоа може да биде воедно старт на едно пријателство, љубов или пак врска која ќе направи вистинска разлика во рамките на едно општество.
Сиот гнев и депресија трансформирајте ги во нешто корисно и позитивно. И обидете се тоа да го направите во група наместо сами, бидејќи е многу полесно и позабавно.
(О)Милена | Црнобело