Говор на телото: 9 ситуации во кои луѓето ги прекрстуваат рацете
Зошто честопати ги држиме прекрстено рацете? Спротивно на врежаното мислење, не се работи само за обид за дистанцирање од другите луѓе, туку може да станува збор и за создавање на сопствена пријатност, воздржување од лутина, скривање на неудобност...
Кога некого ќе видите дека стои со прекрстени раце, немојте веднаш да изведете заклучок дека се обидува да се дистанцира од вас. Постојат повеќе причини поради кои личноста можеби го прави тоа.
А, деветте ситуации во кои луѓето вообичаено ги прекрстуваат рацете се:
Удобност и утеха
Луѓето почесто заземаат поза со прекрстени раце во јавност, одошто кога се сами. На тој начин, понекогаш, како да се обидуваат да се прегрнат и утешат самите себе.
Го смалуваат стресот
Кога се под стрес, луѓето ги прекрстуваат рацете како би ги масирале, а тоа го прават несвесно. Ова ги смирува, а има нешто поинтензивно дејство од стискањето на дланките.
Ја кријат несигурноста
Кога на жените им е непријатно поради машките погледи, често ќе ги прекрстуваат рацете на градите, бидејќи така ќе се чувствуваат помалку изложено. На ист начин се однесуваат и мажите, кога се чувствуваат неудобно и несигурно во друштво на друг маж.
Нервоза и страв
Прекрстените раце им помагаат на луѓето да ги надминат одредени психолошки тензии, како што се нервозата и стравот. Во овој случај, луѓето често го допираат вратот - тоа е јасен знак дека некој е напнат, нервозен, несигурен...
Воздржување или фрустрација
Луѓето ги прекрстуваат рацете кога се вознемирени, најчесто со цел да се воздржат и да се смират. Кај децата е мошне присутно таквото однесување. На пример, кога ќе се налутат или кога не сакаат нешто да направат, тие цврсто ќе ги прекрстат рацете, понекогаш во комбинација со стиснати дланки. Слично се однесуваат и возрасните во такви ситуации.
Имитирање на туѓото однесување
Луѓето може несвесно да се имитираат едни со други, на пример, имитирајќи ги позите во кои стојат. Да претпоставиме дека двајца мажи стојат со прекрстени раце, на обајцата им е едно рамо потпрено на ѕидот, а и нозете им се прекрстени. Кога би ја виделе таквата глетка, многумина би помислиле дека постои некаков конфликт помеѓу нив, што не е точно. Тие се имитираат еден со друг, додека положбата на нозете открива дека сè е во ред помеѓу нив. Рацете им се прекрстени, бидејќи така се чувствуваат попријатно додека разговараат.
Се чувствуваат помоќно
Мажите често ги прекрстуваат рацете и максимално се исправуваат, како би изгледале покрупно и посупериорно, за да ја совладаат конкуренцијата, или, пак, невербално порачаат некому да не се впушта во конфликт со нив. На пример, сигурно сте забележале дека обезбедувањето во ноќните клубови најчесто зазема таква позиција. И жените го прават тоа, ама поретко.
Сакаат да се изолираат
Луѓето ги прекрстуваат рацете кога ќе наидат на некого кој не им се допаѓа, бидејќи на тој начин создаваат некаков вид на бариера. За жал, пораката што невербално се праќа на овој начин многумина не ја сфаќаат, па и понатаму упорно се обидуваат да комуницираат со тие на кои не им се допаѓаат.
Студено е
Да, кога на луѓето им е ладно, тие автоматски ќе ги прекрстат рацете за да се згреат.
М. А. | Црнобело