Шпаркасе Банка и Европската инвестициска банка започнуваат соработка за развој на зелено финансирање во државата
- Детали
- среда, 26 февруари 2025
Денеска, 26.2.2025 година, среда, Шпаркасе Банка АД Скопје и Европската инвестициска банка (EIB Global) преку еднодневна работилница ја најавија заедничката соработка во рамките на Програмата „Техничка помош за позеленување на финансиските системи (GFS TA Programme)“. Оваа соработка е дел од пошироките напори на ЕИБ да го поддржи развојот на финансиските институции, кои играат клучна улога во зелената трансформација и унапредувањето на климатски одржливото финансирање.
Програмата „Техничка помош за позеленување на финансиските системи (GFS TA Programme)“ креирана од ЕИБ, е оформена со цел да се создаде поволна средина за поддршка на зелени инвестиции и климатска трансформација, преку подобро управување со климатските ризици и имплементација на најдобри практики во зеленото кредитирање. Програмата се финансира од германската влада преку Фондот за меѓународна климатска иницијатива на ЕИБ и се спроведува во соработка со NDC Партнерството, глобална коалиција на земји и институции што соработуваат за да го поддржат климатското дејствување.
„Програмата GFS има за цел да го поддржи преминот кон финансиски системи со нето-нула емисии отпорни на климатски промени, кои ќе помогнат во климатско дејствување и промовирање зелени инвестиции кај малите бизниси. Нашата соработка со Шпаркасе Банка, како и соработката со Националната банка на Северна Македонија и други финансиски институции во земјата, претставуваат вистински чекори за справување со климатските предизвици во Северна Македонија и создавање отпорен финансиски систем. Заедно со оваа техничка поддршка и со другите иницијативи за зелена транзиција што ги поддржуваме во земјата, како ЕУ банка, имаме за цел да ги промовираме зелените инвестиции во земјата и да ѝ помогнеме на локалната економија да се справи со климатските ризици и да ја зголеми својата конкурентност на регионално и на глобално ниво“, изјави Бјорн Габриел, претставник на ЕИБ во Северна Македонија.
Како дел од оваа иницијатива, Шпаркасе Банка ќе добие стручна поддршка што ќе го поттикне зеленото финансирање и ќе придонесе за унапредување на климатски одржливите инвестиции во нашата држава. Со оваа соработка, Шпаркасе Банка ќе има можност да ја зајакне својата улога во поддршката на зелени инвестиции и да остане лидер во одржливо финансирање во земјата.
„За Шпаркасе Банка особено е значајна соработката со Европската инвестициска банка имајќи ја предвид нашата лидерска позиција со повеќе од 40 % пазарен удел во финансирање зелени проекти во државата, со финансиска поддршка од над 115 000 000 евра за повеќе од 140 проекти. Ова претставува значаен момент за нас, а особено за македонскиот финансиски сектор, бидејќи со оваа поддршка ќе имаме можност да ги усовршиме нашите постојни практики во областа на зеленото кредитирање, каде што дејствуваме повеќе од 14 години. Нашата цел е да ја поттикнеме трансформацијата кон еколошки одржлива економија и силно веруваме дека оваа соработка ќе донесе позитивни резултати не само за нашите клиенти, туку и за целокупното општество, придонесувајќи за ублажување на климатските промени и создавање подобра иднина за сите“ – изјави Нина Неданоска, заменик-претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка.
Работилницата се одржа во просториите на Банката, а со оваа стратегија на поддршка и соработка, ЕИБ и Шпаркасе Банка ја потврдуваат заедничката посветеност на унапредување на зеленото финансирање и климатската стабилност во Република Северна Македонија и на глобално ниво.