Успешно заокружување на проектот „На секое дете му треба семејство“, имплементиран од СОС Детско село Македонија
- Детали
- понеделник, 26 ноември 2018
На денешниот завршен настан, во рамките на Проектот „На секое дете му треба семејство“ имплементиран од СОС Детско село Македонија, УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика беа презентирани резултатите на проектот и се доделија сертификати за завршена обука за згрижувачи – PRIDE (Parent Resources for Information, Development and Education).
Како дел од Националната кампања „На секое дете му треба семејство“ во период од 13 јуни до 10 август беа организирани 29 локални настани низ територијата на целата држава, односно во 29 градови во кои делуваат месно надлежните центри за социјална работа.
Последователно, во текот на октомври и ноември PRIDE (Parent Resources for Information, Development and Education) обуката, успешно ја завршија 37 учесници на кои денес им беа доделени сертификати и кои ќе добијат препорака за поднесување на барање и вклучување во регистарот на згрижувачи на Република Македонија.
На настанот свое обраќање имаа:
Зорица Серафимовска Арсовска – Претседател на Управен одбор на СОС Детско село Македонија
Бенџамин Перкс – Претставник на УНИЦЕФ
Јулијана Гапо– Национален директор на СОС Детско село Македонија
Зорица Серафимовска Арсовска, Претседател на Управен одбор на СОС Детско село Македонија во оваа прилика акцентираше:
„СОС Детско село Македонија, покрај спроведувањето на тренинзите, беше фокусирано и на обезбедување на лиценца за употреба на PRIDE програмата како и на обезбедување на интернационално и национално признаено сертифицирање на учесниците обучени со оваа програма. Една од целите на програмата беше и развој на стандарди и систем за мониторинг и евалуација на услугите за сместување во згрижувачко семејство, па во таа насока, СОС Детско село Македонија во соработка со домашни и меѓународни експерти подготви предлог систем за следење и евалуација на квалитетот на згрижување на деца во Македонија и паралелно со ова даде и упатство за мониторинг и надзорни алатки кои можат да се користат во процесот. “
„Нашите граѓаните се солидарни по природа и тоа ние како институции треба да го стимулираме и да ги вклучуваме што повеќе во процесот за згрижување. Одзивот за згрижување на деца е многу голем, особено со актуализирањето на кампањата Секое дете заслужува семејство. Освен што го зголемивме бројот на згрижувачки семејства, многу се радувам што со оваа кампања успеавме да го преобразиме профилот на згрижувачките семејства. Имаме семејства кои се добро ситуирани, но и лица од јавниот живот. Овие лица згрижуваат деца од љубов, а нивниот главен мотив е да понудат топол дом и родителска грижа.
Секое дете ни е важно и секое заслужува да расте и да се развива во топол дом и семејна атмосфера “- истакна Мила Царовска, Министер за труд и социјална политика
Таа додаде дека МТСП во соработка со УНИЦЕФ посветено работи и на обезбедување на дополнителна поддршка на згрижувачките семејства, но и на обука на специјализирани згрижувачки семејства, коишто ќе згрижуваат деца со попреченост
„Целта на кампањата ‘На секое дете му треба семејство’ е да се осигура дека секое дете во земјата расте во безбедно, семејно опкружување исполнето со љубов. Денес им оддаваме почит на згрижувачките семејства што решија да пружат љубов за децата во државна грижа, што ги отворија своите срца и своите домови, да бидат шампиони за децата, давајќи им чувство на сигурност, идентитет, припадност и секако љубов” рече Бенџамин Перкс, Претставник на УНИЦЕФ
„СОС Детско село од 2014 година активно работи на унапредувањето на згрижувањето во нашата земја. Во периодот од 2014 до 2016 година со PRIDE методологолијата обучивме 100 професионалци од речиси сите Центри за социјална работа во државата,120 згрижувачки семејства, а организиравме и професионални тренинзи за 22 професионални тренери и 6 мастер тренери. Зошто го направивме тоа? Да се биде биолошки родител и згрижувач е многу различна работа. Грижата и одговорноста за детето во биолошките семејства е во најголема мера на родителите, а грижата и одговорноста на детето во згрижувачко семејство е поврзана со тимска работа и поддршка на згрижувачот, Центрите за социјална работа, училиштето, здравствените установи, државата... Сите тие и сите ние треба да бидеме поддршка за да можете да им обезбедите на децата без родители соодветна грижа, и да се справите со сите предизвици кои ќе се појават на патот.“ акцентираше Јулијана Гапо, Национален директор на СОС Детско село Македонија
Проектот „На секое дете му треба семејство“ целеше кон зголемување на информираноста и зајакнување на свеста на граѓаните за потребата од згрижување на децата кои останале без родители и родителска грижа. Кампањата резултираше со бројка од 295 заинтересирани граѓани кои пројавија интерес за згрижувањето до крајот на август оваа година. Вкупно 37 од нив ја завршија обуката и се здобија со PRIDE (Parent Resources for Information, Development and Education) сертификати и кои ќе добијат препорака за поднесување на барање и вклучување во регистарот на згрижувачи на Република Македонија.