Оган и бура од емоции во нова балада на Александра Јанева
По подолго време поп-пејачката Александра Јанева се врати на баладите. Новиот сингл со наслов „Се одбирам себе“ е емотивна љубовна приказна и второ по ред авторско дело на тандемот Јанева-Стојановски.
Аранжманот и продукцијата се на Иле Спасев. Дел од екипата која работеше на проектот е и Јана Бурче, во улога на текстописец на баладата.
Видеото за песната е снимено на повеќе локации во Отешево и Преспа. Иако реткост, на овој видео-запис Александра се појавува во друштво на Андреј Пајмакоски од студиото „Models In“. За нивниот изглед се погрижи познатата стилистка Милена Танаскоска.