3 знаци дека треба да го откажете првиот состанок со личноста што сте ја запознале онлајн
„Ако некој зборува лошо за поранешниот партнер и тоа пред првиот состанок, тоа може да значи дека сѐ уште не го преболел“. Кои други знаци може да ви укажат дека не треба да си го губите времето и да одите на состанок со личноста што сте ја запознале онлајн?
Во денешното брзо и динамично време паровите многу често прво се запознаваат онлајн пред да одлучат да се сретнат во живо. Социјалните мрежи и апликациите за состанување се алатките што на луѓето што се сингл им овозможуваат побрзо да ја најдат љубовта.
Но, лајф коучот Ерика Етин издвојува 3 знаци што би требало да ви укажат дека не би требало воопшто да одите на прв состанок со личноста што сте ја запознале.
Ерика вообичаено се обидува да ги охрабри своите клиенти да ги прифатат поканите за состанок, тврдејќи дека тие воопшто не се разликуваат од среќавањето нови личности во живо, но според неа, сепак постојат некои ситуации што би требало да ги земете предвид пред да ја донесете конечната одлука.
Според неа, додека разговарате онлајн треба да внимавате на неколку важни ситуации и детали, што ќе ве упатат кон тоа со каква личност си имате работа.
Кои се трите знаци што укажуваат дека воопшто не треба да одите на прв состанок со личноста што сте ја запознале онлајн?
Не почитувате исти вредности
Според Ерика, многу е важно на првиот состанок да не одите со веќе утврдени очекувања каква личност би посакувале да запознаете, односно да ги тргнете настрана вашите соништа за тоа каков би требало да биде идеалниот партнер или да очекувате да го запознаете „вистинскиот“.
Сепак, потребно е да земете предвид некои работи за коишто можеби веќе сте разговарале.
Размислете за тоа какви се вашите ставови за деца, за начинот на живот што го водите или за одредени религиски убедувања што би можеле да бидат пречка за развој на врска или воопшто знак на инкомпатибилност.
„Многу малку е веројатно дека некој ќе ги промени своите лични убедувања заради вас, па затоа би требало да прифатите дека сте целосно различни и да го откажете првиот состанок“ – вели таа.
Соговорникот споделува повеќе детали од потребното или зборува само за секс
Иако споделувањето повеќе детали од она што е потребно може на прв поглед да ви делува дека имате работа со мошне сериозна и искрена личност, но ова е знак што треба да ве замисли и да ве натера да ставите пауза, особено ако забележите дека нешто не соодветствува во приказните што ви ги раскажува.
Исто така, добро би било да се држите настрана и од соговорниците што бесрамно споделуваат детали од нивните претходни сексуални искуства или се обидуваат да го свртат разговорот само за секс.
Таа споделува приказна за нејзина клиентка која откажала прв состанок затоа што нејзиниот соговорник ѝ раскажал дека неговиот прв брак пропаднал затоа што со претходната партнерка биле сексуално инкомпатибилни, но дека таа е премногу атрактивна и му се допаѓа.
Го озборува или зборува лошо за поранешен партнер
Според Ерин, третиот знак што треба да ви укаже дека нема потреба да го трошите времето на прв состанок со некој соговорник е начинот на којшто тој или таа зборува за поранешниот партнер.
„Ако некој зборува лошо за поранешниот партнер и тоа пред првиот состанок, тоа може да значи дека сѐ уште не го преболел, дека е огорчен, но и дека не презема никаква одговорност затоа што врската не успеала“ – вели таа.
Б. С. Б. | Црнобело / фото: freepik.com