Свари ми кафе, напиши му домашна на моето дете, немам пари за плата, ама викендов одиме во Банско - македонскиот газда во една реченица

Се сеќавам пред повеќе години како добив работа во една позната македонска агенција за недвижности. После исцрпувачките две интервјуа со главниот администратор и со газдата на компанијата, конечно ја добив работата. Ама не од прва. Првиот избор бил некоја постара женичка која веќе имала родено две деца и не планирала веќе да раѓа.

svari-mi-kafe-napisi-mu-domasna-na-moeto-dete-nemam-pari-za-plata-ama-vikendov-odime-vo-bansko-makedonskiot-gazda-vo-edna-recenica-001.jpeg

Арно ама, дошла на работа и не се покажала како што треба. Па вториот избор сум била јас. Малку неволно се согласиле за тоа, бидејќи сум била млада и сигурно ќе сум сакала да се мажам и да раѓам, ама ми јавија да дојдам на работа, а бидејќи бев очајна го сторив тоа.

Бидејќи работа немаше ни за лек. Само ни повторуваа – ти економист си? Оууу, економисти со лопата да ги ринеш. Правник си? Правници со лопата да ги ринеш… итн., итн., за секоја професија освен за оние од ИТ секторот го слушавме истото.

И навистина нè ринеа со лопата. Нè гледаа како да сме ништо, нè множеа со нула, ни го потценуваа факултетот и тоа малку искуство што одвај сме го стекнале и си играа со човечки судбини како што ќе им текне.

Кога си млад и без искуство си прилично зелен и не ти текнува сериозно да преговараш за работните услови и платата. Се чудев зошто постојано одам втора смена, кога после втората недела сфатив дека воопшто не сум пријавена, па сите генерално сме на штрек и се пазиме од инспекции. Ако те затекне инспекција, преправај се дека си клиент заинтересиран за стан. Тоа беа насоките на газдите.

Конечно, дојде ред да се земе плата. Цели 12.000 денари. Како низ магла се потсетувам дека разговараме за почетна плата од 250 евра, ама еве ги, 200 евра исплатени на рака со широка насмевка на ликот и зборовите упатени на мојата адреса: Со здравје да си ги трошиш, вредно се покажа, па бевме дарежливи.

Се прашувам, колку ќе беше платата да не беа дарежливо расположени?

И одеднаш – тука сте, имате 24 години, ја примате платата во бело плико обележано со вашето име на него. Не сте здравствено осигурани, не ви тече стаж (леле девојче, млада си, каде ти оди паметот за стаж и пензија?!). Се криете од инспекции, си лиете солзи кога останувате сами, се прашувате за ова ли учев и ќе стане ли подобро?

Не станува подобро. Од она што го читам и слушам, станува само полошо. Тоа се тие македонски газди кои менуваат три автомобили во неделата за 350m од дома до работното место, ама за тебе што живееш 20 km од работата не следува ништо, бидејќи поимот патни трошоци им е непознат.

Тие се тие газди кои во секоја можна прилика ќе ти укажат колку треба да си среќен и благодарен на шансата која ти ја пружиле, бидејќи без нив ќе си трпиш за парче леб.

Тие се тие газди со основно кои ти солат памет како секој денес може да заврши факултет, па и ти не си некој исклучок. Тие се тие газди кои те тераат да им ги вршиш набавките за дома, да им ги пишуваш составите по македонски на децата, да ги подучиш математика, да им нацрташ некој цртеж по ликовно… зависи за што те бидува.

Тие се македонските газди кои ти даваат одвај 10 дена одмор годишно, па и тие им се трн во окото и чиниш болни ќе легнат додека си на одмор. Затоа што секој е нели заменлив, па не се занесувај премногу, ама те нема ли 10 дена, фирмата почнала да се распаѓа без тебе.

Тие се газдите кои отворено те прашуваат ќе се мажиш ли, ќе раѓаш ли, а кога остануваш бремена бараат шеќер и вода да си ја вратат душичката во живот.

Тие се газдите на кои им се темни пред очите кога им кажуваш дека детето ти е болно и мора да останеш дома со него. Не ги разбирале денешните родители како толку се треселе за децата, ама за нивното ќе ја превртат земјава за да оздрави. Ама пак, исти ли се нашите и нивните деца?

Тие се газдите кои ти велат дека платата ќе доцни и не се знае кога ќе има, ама истиот викенд тркнуваат до некоја од соседните држави да се „излуфтираат“ малку.

Тие се тие кои постојано се жалат и кукаат како нема, а децата им се облечени во најскапо, најубаво и не го седнале газот доволно долго на едно место од шетање.

Тие се тие што ти го исплаќаат надоместокот што законски ти следува на крајот од годината, а потоа ти го бараат назад.

Тие се богатат на мојот и твојот грб, додека ние си молчиме затоа што немаме друг излез.

И голтаме навреда по навреда, понижување по понижување, сме се стиснале толку многу што веројатно изгледаме уште победно и погревно отколку што сме.

Тие се тие македонски газди, модерни робовладетели, а ние подеднакво наивни и послушни како робовите од минатото.

Што да ви посакаме македонски газди на крајот? Да се смените, тоа нема да се случи никогаш.

Бидете живи и здрави, богатете се немилосрдно. Сè што сакаме е еден ден вашите деца да го искусат на своја кожа она што ние секојдневно го преживуваме. Толку, ништо повеќе.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
„Намерно се запуштав за да не излезам од дома, Скопје ме гушеше - едвај се извлеков од депресијата“ „Не миев коса со денови за да имам изговор - кај да одам со мрсна коса? Нок...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg