Скролањето на телефон во тоалет предизвикува хемороиди – и уште 5 причини зошто ова не е здрава навика?
Со мобилниот телефон разнесувате бактерии од типот на Ешерихија коли, наместо да излезете по 10 минути останувате по половина час, а долгото седење може да ви предизвика хемеороиди – Зошто треба да се воздржите од скролање на телефон додека сте во тоалет?
Во принцип на луѓето што се здрави им се потребни 10-тина минути за да ги завршат физиолошките потреби, но сѐ почесто на младите поединци им се случува да останат заглавени на тоалетната школка по 20 до 30 минути.
Иако никој нема да ви признае, честопати се случува луѓето да останат во тоалет и по завршувањето на физиолошката потреба за да скролаат на телефонот.
Веб страните посветени на здравјето кај луѓето објавуваат повеќе статии во кои се напоменува дека носењето на мобилниот телефон во тоалет е мошне лоша и нездрава навика, а причините се различни: од ширење бактерии до создавање хемороиди.
Погледнете како мобилниот телефон во тоалетот може да ви наштети на здравјето:
Расадник за бактерии
Кога го носите мобилниот телефон во тоалет, го изложувате на бактерии од типот на Ешерихија коли, што може да предизвикаат инфекции на уринарниот тракт, дијареа, па и други болести.
Залудно ги миете рацете по завршувањето на потребата, кога претходно сте скролале на телефонот.
Дополнително, со помош на телефонот бактериите ги разнесувате насекаде во домот или во канцеларијата, а ги изложувате блиските и колегите на бактериите од тоалетот.
Се продолжува времето на извршување на физиолошката потреба
Вообичаено на здравите луѓе им се потребни 10-тина минути за да ги завршат физиолошките потреби, но со мобилниот телефон во рака, ова време се продолжува на 20 до 30 минути, што понатаму може да предизвика други проблеми.
Телото се навикнува процесот да трае многу подолго од вообичаеното, па заради тоа може да се соочите со опстипација, односно запек.
Мобилниот телефон предизвикува хемороиди
Според вебстраната Healthline продолженото седење на тоалетната школка може да предизвика хемороиди. Според тврдењето на д-р. Карен Загијан, проблемот настанува кога губиме чувство за времето што го поминуваме на тоалетната школка.
„Хемороидите се вени во анусот и секој ги има, а кога седите премногу долго и напнувате тоа може да предизвика тие да се наполнат со крв, што потоа предизвикува болка, отекување или крвавење“ – вели таа.
Докторката препорачува ако по неколку минути не можете да се олесните, да станете да се раздвижите и потоа пак да се вратите во тоалетот, наместо целото тоа време да го поминете на шолја со телефон.
Дополнителен стрес
Времето што го поминувате во тоалет треба да биде време во кое можете да одморите од секојдневието, а со тоа што го носите телефонот со вас, не му дозволувате на мозокот да одмори ниту еден миг.
Постојано прибирате нови информации и тоа ви создава непотребен стрес.
Губите време залудно
Ако сметате дека телефонот ќе ви помогне побрзо да ви помине времето што непотребно го трошите, тогаш се лажете. Наместо да ја завршите потребата за 5 минути, останувате многу подолго, а тоа е залудно потрошено време.
Може да го загубите телефонот
Сигурно познавате некој кому му паднал телефонот во тоалетната школка или во мијалникот, а тоа значи дека веднаш треба да се збогувате со него.
Наместо постојано да внимавате, обидете се да се воздржите некој период од мобилниот телефон додека сте во тоалет.
Б. С. Б. | Црнобело