Психолог споделува 3 трикови за полесно заспивање кога сте возбудени или под стрес
„Потребно ви е да се чувствувате безбедно за да можете да заспиете“ – појаснува психологот Дејв Рабин. Тој открива 3 едноставни трикови што би можеле да ви помогнат полесно да заспиете кога сте под стрес или сте премногу возбудени.
Колкупати ви се случило да сакате да заспиете, но не можете затоа што сте премногу возбудени или загрижени за нешто?
Дејв Рабин е основач на компанијата Apollo Neuro која произведува уред наменет за брзо ослободување од стрес, а познат е по тоа што има и сопствен поткаст каде редовно споделува совети за своите следбеници.
Во една прилика тој кажа кои се трите трикови со кои може да се послужите ако се соочувате со несоници предизвикани од преголема возбуда или стрес.
Кои се триковите за полесно заспивање?
Дишете како да спиете
„Мојата омилена техника е мошне едноставна. Само дишете на начинот на кој што дишете кога спиете. Земете воздух околу 5 секунди, задржете го една секунда, а потоа издишувајте околу 5 или 6 секунди. Земете колку можете повеќе воздух и испразнете ги белите дробови колку можете повеќе“ – вели Рабин.
Според него, овој начин на дишење влијае врз нервниот систем и ви помага да се опуштите и да го „исклучите“ одбранбениот механизам на телото. Со дишењето му давате на знаење на телото дека се чувствувате доволно безбедно за да заспиете.
Допири од некој кому му верувате
Без разлика дали се допирате самите, дали се гушкате со саканиот или со домашното милениче – контактот со некој близок може да ви помогне побрзо да заспиете и кога сте под стрес затоа што во основа ви дозволува да се чувствувате побезбедно и посигурно.
„Затоа ни е многу потешко да спиеме без ќебиња, затоа што покривката прави да се чувствуваме поудобно и посигурно“ – појаснува Рабин.
Стегнете ги па опуштете ги мускулите
Оваа вежба подразбира стегање и опуштање на дел од мускулите во разни делови од телото.
„Во основа, ги истегнувате рацете и нозете колку можете повеќе, како да посегнувате по нешто додека лежите во кревет. Протегнете се околу 5 секунди, потоа вдишете и обидете се да се опуштите и да не размислувате за случувањата и за сѐ она што ве очекува следниот ден, или на она што ви ги преокупира мислите“ – појаснува Рабин.
Според него со помош на оваа вежба луѓето повеќе се концентрираат на сопственото тело отколку на мислите и тоа им помага да се опуштат и да заспијат.
Б. С. Б. | Црнобело/ фото: freepik.com