Зошто не треба да спиете со контактни леќи (и што да правите ако случајно ги заборавите)?

Ако спиете со леќи, драстично си го зголемувате ризикот од инфекции на очите кои можат да предизвикаат голема штета.

zoshto-ne-treba-da-spiete-so-kontaktni-lekji-i-shto-da-pravite-ako-sluchajno-gi-zaboravite-01.jpg

Контактните леќи се одлично решение за луѓето кои имаат проблеми со видот, но не сакаат да носат очила.

Но, за разлика од очилата, леќите бараат посебна нега и морате да обрнете внимание на некои работи за да ги избегнете инфекциите со очите.

Сите што носат леќи многу добро знаат дека не треба да спијат со нив.

Но, зошто важи оваа забрана и што се случува со очите ако заспиете со леќи?

Зошто не треба да спиете со леќи?

Според Центарот за контрола и превенција на болести од САД, спиењето со контактни леќи го зголемува ризикот од инфекција за шест до осум пати.

Сериозните инфекции на очите можат да предизвикаат оштетување на рожницата, а во ретки случаи и губење на видот.

Рожницата е надворешната, проѕирна обвивка што го штити окото од инфекции. А, за да го заштити окото, на рожницата ѝ се потребни хидратација и кислород.

Додека сте будни, трепкањето ја одржува влажноста на очите, а и дотокот на кислород е добар.

Контактните леќи покриваат дел од рожницата, па со тоа ја намалуваат влажноста на окото. Додека сте будни, ова намалување е занемарливо и не предизвикува проблеми.

Но, кога спиете со леќи и очите ви се постојано затворени, окото не добива доволно влажност и кислород. Ова, пак, ја намалува способноста на клетките во рожницата да се борат против бактериите.

Што значи, ако спиете со леќи, си го зголемувате ризикот од секакви инфекции.

zoshto-ne-treba-da-spiete-so-kontaktni-lekji-i-shto-da-pravite-ako-sluchajno-gi-zaboravite-03.jpg

Што ако случајно засипете со леќи?

Веројатно на повеќето луѓе кои носат леќи им се случило да ги заборават и да заспијат со нив.

Во овој случај важно е да ги извадите леќите веднаш откако ќе станете.

Ако не можете да ги извадите лесно, како вообичаено, немојте да користите сила бидејќи ќе го оштетите окото.

Наместо тоа ставете капки за очи, како вештачки солзи. Капките ќе ја зголемат влажноста на окото и ќе го олеснат вадењето на леќите.

Ако ни тогаш не можете да ги извадите лесно, веднаш одете на лекар.

Ако дома самите успеете да ги извадите леќите, препорачливо е да не ги носите барем еден ден.

Притоа следете ја состојбата на очите и ако забележите знак на инфекција, веднаш одете на лекар.

Треба да обрнете внимание на симптоми како замаглен вид, исцедок од окото, црвенило и солзење на очите.

zoshto-ne-treba-da-spiete-so-kontaktni-lekji-i-shto-da-pravite-ako-sluchajno-gi-zaboravite-04.jpg

Неколку совети за безбедно носење контактни леќи

Вашиот лекар сигурно ви кажал сè што треба да знаете за носењето леќи, но секогаш е добро да се потсетите.

1. Немојте да пливате или да седите во полна када со леќи.

2. Мијте ги рацете со сапун и вода пред да ги ставате или вадите леќите.

3. Плакнете ги леќите и чувајте ги во растворот специјално наменет за нив. Немојте никако да ги миете со обична вода бидејќи ова нема да ги дезинфицира.

4. Секој ден заменувајте го растворот од садот во којшто ги чувате леќите.

5. Често менувајте ги леќите и садот во којшто ги чувате.

6. Немојте да ги чувате леќите во сад со какви било оштетувања.

7. Ако одите на патување, немојте да ставате од растворот за леќите во какво било шишенце кое можеби било изложено на бактерии и микроогранизми. Наместо тоа, понесете го оригиналното шише или купете помала амбалажа.

zoshto-ne-treba-da-spiete-so-kontaktni-lekji-i-shto-da-pravite-ako-sluchajno-gi-zaboravite-02.jpg

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Како да ги заштитите малите деца од сонце и кога да почнете да користите крем со фактор? Откако вашето бебе ќе наполни 6 месеци, време е да воведете крем со фактор. Ова ...
Положби на спиење кои помагаат при разни проблеми со здравјето Ако имате проблеми со дигестивниот систем, како киселини, најдобро е да спиете с...
Констипација кај деца – совети и трикови како во домашни услови да им помогнете Погрижете се вашето дете да пие доволно количина вода во текот на дено...
Зголемен број на случаи со „слатка краста“ во Хрватска - Дали е опасна и како да се заштитите? „Најмногу ги погодува децата, а ако вашето дете добие ваква инфекција, не би тре...
Како да го одвикнете детето од грицкање нокти? Помогнете му на вашето дете да разбере дека грицкањето нокти е навика која треба...
Пеленски осип: Како се третира и кога да го носите детето на лекар? Доколку забележите дека вашето бебе има пеленски осип, тогаш многу е важно да ја...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg