На кој начин музиката го подобрува нашето здравје?
Музиката е дел од секоја култура, таа е присутна со наш уште од праисториските времиња. Се смета дека првиот музички инструмент, всушност се нашите гласни жици кои можат да произведат цела палета на различни звуци.
Музиката отсекогаш се користела за две цели - за забава или за практични цели (на пример, церемонии или шамански танцови).
Денес, таа се користи и во форма на музикотерапија, за третирање состојби како Алцхајмерова болест, депресија, пост-трауматски стрес, за унапредување на развојот на децата или при потешкотии со учење.
Ја нарекуваат мелем за душа или средство за изразување на нештата кои не можат да бидат искажани со зборови.
Но, кои се здравствените придобивки од неа?
1. Класичната музика помага во регулација на крвниот притисок
Но, не баш секоја класична музика. Истражувачите од Оксфордскиот универзитет откриле дека композициите кои се во согласност со ритамот на телото можат да помогнат при лекување на болестите поврзани со високиот крвен притисок, намалувајќи ја брзината на срцевите отчукувања. Меѓу овие композиции е Деветата симфонија на Бетовен.
2. Слушањето и свирењето музика го намалува стресот и го подобрува расположението
Музиката има и хемиско влијание врз нашиот мозок, бидејќи додека слушаме музика која ни се допаѓа, во телото се лачи допамин. Тој е еден од „хормоните на среќата“, бидејќи има клучна улога врз начинот на кој доживуваме задоволство и врз доброто расположение. Истото се случува додека свириме некој инструмент.
3. Музиката помага при состојби на деменција
Деменцијата е состојба при која настанува сериозно оштетување на мозокот кое може да резултира со губење на помнењето, говорот, моторните способности, вниманието и обично се појавува кај постарите лица.
Лицата кои страдаат од Алцхајмерова болест или од друг вид на деменција, можат да имаат придобивки од слушањето музика или пеењето, бидејќи оние регии од мозокот каде е сместена музичката меморија остануваат недопрени.
На тој начин, тие можат да евоцираат спомени и да ја зголемат активноста на мозокот, особено доколку слушаат познати песни од својата младост.
4. Музиката придонесува кон развој на мозокот кај децата
Свирењето на некој инструмент кај децата придонесува со развој на фини моторни движења затоа што на тој начин воспоставуваат подобри врски меѓу централниот и периферниот нервен систем.
Дури и половина час дневно е доволно за да се активира оваа врска,а интересно е што оваа активност ги дели истите нервни патеки во мозокот како и развојот на јазикот, па истовремено ја подобрува и способноста за читање.
5. Помага при проблеми со спиење
Музиката може да биде користена како алактка за опуштање од страна на луѓето кои патат од несоница. Релаксирачката музика може да го смири нервниот систем, да го забави дишењето и да го намали крвниот притисок.
Пуштете ваков тип на музика околу 45 минути пред да си легнете, со што полека ќе го подготвите телото за сон.
А.Т. | Црнобело