Како да му помогнете на некој што се бори со депресија?
Депресијата е повеќе од моментална тага и нерасположеност. Таа е сериозна состојба која се нарекува болест на 21от век - и може да заземе многу форми.
Депресијата може да се појави на различен начин кај различни луѓе без разлика на нивната возраст, пол или социјален статус, а чувството на тага и празнина се протега со недели или месеци.
Често, луѓето кои ја искусуваат оваа состојба имаат потешкотии со извршување на секојдневните обврски, дури и едноставни работи како туширање или облекување.
Некои симптоми кои траат две или повеќе недели се следниве:
- постојано чувство на осаменост, тага и празнина
- недостаток од мотивација и интерес за активности кои порано причинувале задоволство
- губиток на апетит
- песимизам и негативен поглед кон животот
- потешкотии со концентрација, на пример, при читање
- чувство на безвредност и безнадежност
- потешкотии со спиење - долги часови спиење или испрекинат сон
- ниско ниво на енергија, и покрај долго спиење
- жалење на болки во телото
- изолација
- самоубиствени мисли
Овие симптоми се јавуваат во различни комбинации кај различни луѓе. Ниту еден човек не ја искусува депресијата на идентичен начин. Семејството и пријателите ги забележуваат промените на однесување неизбежно влијаат врз нив.
Честопати, кога ќе забележиме дека некој страда, сакаме да му помогнеме, но не знаеме како.
Еве неколку начини:
Внимавајте на осудувачкиот тон
На овие лица им е потребна поддршка и присутност од страна на блиските личности. На тој начин, внимавајте на начинот на кој им се обраќате, бидејќи доколку звучите обвинувачки или осудувачки, уште повеќе ќе го засилите чувството на вина и безвредност.
На пример, прашањето „Уште ли не си станал/а?“ може да го замените со „Гледам дека имаш потешкотии со станување наутро. Има ли начин како да ти помогнам со тоа?“. Или, прашањето „Зошто се оптоваруваш со неважни работи?“ повторно го потхранува чувството на безвредност, па може да го замените со „Ми се чини дека ова ти е важно, како може да ти помогнам да го решиме тој проблем?“.
Понудете присуство и разбирање наместо совети
Давањето совети може да биде контрапродуктивно - и самите лица веќе се чувствуваат доволно лошо што се наоѓаат во оваа состојба. Понекогаш, доволно е само да се биде присутен и да се ислуша личноста или да се биде рамо за плачење.
Понудете отвореност, грижа и емпатија дури и да не ја разбирате нивната болка - „Не можам да претпоставам низ што поминуваш, но се грижам и тука сум за тебе“. Поддршката може да биде и во вид на прегратка и физички контакт.
Кои нешта да не ги кажете?
Иако за вас некои нешта може да изгледаат безначајни, за лицето кое се бори со депресија тие изгледаат поинаку и не може да направи овие чувства преку ноќ да исчезнат.
Ако речете: „Ќе ти помине“, „На сите ни се случува“, „Што ти е проблемот?“, „Гледај на позитивната страна“, „Не е голема работа“, „Се е во главата“, не само што не давате конструктивна забелешка, туку и го зголемувате чувството на вина и ја релативизирате важноста на проблемот.
Понудете помош со секојдневните обврски
Лицата кои страдаат со депресија често се чувствуваат како да го носат светот на рамена, па извршувањето на наједноставните обврски може да претставува уште еден товар кој не се чувствуваат способни да го извршат. Понудете помош околу подготовката на храна, плаќањето сметки, пазарувањето.
Вклучете ја личноста во едноставни активности
Поради недостатокот од енергија, лицата најчесто ќе се изолираат од секакви активности и луѓе. Сепак, задржете го позитивниот став и мотивирајте ја личноста да ви се придружи во одење на кино, прошетка на чист воздух или
Понудете поддршка во барање професионална помош
Доколку забележувате дека оваа состојба продолжува повеќе од две недели без подобрување, разговарајте со лицето и инсистирајте за професионална помош. Понудете атмосфера на сигурност нагласувајќи ги придобивките од истото - дека барањето помош не е срамота, дека состојбата ќе се подобри и дека ќе се чувствува подобро.
Важно е да се напомене дека опоравувањето е процес кој трае. Луѓето со депресија имаат потреба од поддршка низ целиот овој период за кој е потребно многу трпение.
Но, низ целото ова патување не заборавајте на грижата за себеси, своето емоционално здравје и сопствените потреби.
Исто така, запомнете дека не е во ваша моќ да „поправите“ некоја личност, туку она што навистина можете да го понудите е разбирање, љубов и поддршка.
A. T. | Црнобело