Промени во телото кои можеби укажуваат на некој здравствен проблем
Лекарите тврдат дека колку побрзо откриете некој здравствен проблем, толку полесно ќе се ослободите од него, а некои здравствени проблеми можат да покажуваат навистина суптилни симптоми.
Иако никогаш не треба самите да си поставувате дијагноза и да паничите кога ќе прочитате нешто слично, сепак добро е да знаете што можеби покажуваат некои промени на вашето тело.
А, доколку сметате дека станува збор за нешто сериозно, секогаш консултирајте се со вашиот лекар пред да донесете заклучок.
Промени во телото кои може да укажуваат на здравствен проблем:
„Шилест“ јазик
Во овој случај, рабовите на јазикот почнуваат да изгледаат испукано. Понекогаш ова значи дека јазикот станува поголем од долната вилица.
Доколку сте немале никаква повреда на вилицата, оваа промена на јазикот најчесто е поради негово отекување. Отекувањето, пак, може да настане од повеќе причини, помеѓу кои и дехидратацијата.
Во некои случаи, односно кога отекувањето е проследено со симптоми како болки, паѓање на косата, низок крвен притисок и појава на модринки, можно е да станува збор за проблем со тироидната жлезда.
Темни линии на ноктите
Ноктите кажуваат многу за вашето здравје, па добро е да следите дали има некаква промена кај нив. Доколку, на пример, забележите темна линија на вашиот нокт, добро би било да проверите за што станува збор.
Воглавно овие линии настануваат после некоја повреда или крвавење. Во поретки случаи, можно е да бидат знак за меланом.
Потемнување и здебелување на кожата
Понекогаш на кожата се појавуваат кафеави или жолти дамки, особено на областите каде што кожата се превиткува, како на вратот и под пазувите.
Овие промени можат да бидат знак за отпорност на инсулин, односно состојба која може да води до дијабетес тип 2. Најчесто нема простор за никаква грижа, но добро би било да се проверите.
Мозолчиња и акни околу брадата
Под кожата се наоѓаат многу жлезди кои лачат масти, а овие масти излегуваат низ порите. Понекогаш жлездите почнуваат да лачат повеќе масти, па порите се затнуваат и се појавуваат мозолчиња и акни.
Кај жените овој проблем може да биде знак за хормонална нерамнотежа, односно, телото лачи премногу тестостерон што ги стимулира овие масни жлезди.
Истенчени веѓи
Со стареењето нормално е да забележите намалување на бројот на влакна на вашето тело. Сепак, понекогаш истенчувањето на веѓите може да биде знак за хипотироидизам.
Доколку има проблеми со тироидната жлезда, таа може да лачи премногу или премалку од некој хормон, што пак може да предизвикува паѓање на влакната.