Вагус - нерв луталник што може да создаде вистинска збрка во телото, без да знаете што ви е
Вагус, уште наречен и нервот луталник или скитник, е најдолгиот нерв во човековото тело кој започнува од врвот на ’рбетниот мозок и се движи до стомакот.
Со оглед на неговата големина како и положбата во телото, овој нерв може да предизвика појава на низа неповрзани симптоми и да направи вистинска збрка во телото.
Многу невролошки нарушувања како мигрена, епилепсија, Паркинсова болест, Мултиплекс склероза имаат гастроинтестинални симптоми, како дијареја, запек или тешкотии во варењето на храната.
Но, науката неодамна започна да ја открива сложената поврзаност помеѓу мозокот и дигестивниот систем, како телесно, така и психички.
Главниот комуникациски канал помеѓу мозокот и цревата е нервот Вагус. Иако за него зборуваме во еднина, станува збор за сложен состав од моторни, сензитивни и парасимтапички влакна.
Започнува од десетиот мозочен нерв (кранијален нерв), а продолжува низ вратот, градниот кош и срцето, се шири во абдоменот и ги допира речиси сите витални органи кои влијаат како на физичкото, така и на психичкото здравје.
Како Вагусот влијае врз здравјето?
Медицината сè уште не знае колкаво е влијанието на Вагусот, но она во што е сигурна е дека тој игра клучна улога во функционирањето на парасимпатичкиот нервен систем. Колку повеќе го стимулираме Вагусот (на пример со длабоко дишење), повеќе го олеснуваме и опуштаме парасимпатикусот кој управува со дигестивниот систем, го забавува срцебиењето и го намалува крвниот притисок.
Вагусот влијае на имунитетот, циркулацијата, работата на срцето, менталната состојба и уште на многу други работи.
Што му штети на Вагусот?
Силниот физички и психички стрес може значително да го наруши функционирањето на Вагусот. Не него влијаат и различни заболувања, лекови, инфекции и воспалителни процеси кои се одвиваат во организмот.
Кога Вагусот не работи онака како што треба, започнуваат проблемите со основните функции во телото, како дишењето, спиењето и варењето на храната. Симптомите се забележуваат на кожата, во белите дробови и во дигестивниот систем.
Освен ова, отежнатото функционирање на Вагусот може да доведе до развој и зголемување на лошите бактерии во цревата што влијаат на работата на хипоталамусот-хипофизата-надбубрежната жлезда, што пак доведува до невродегенеративни промени и воспаленија.
Лошото функционирање на Вагусот се манифестира низ следните симптоми:
- Мачнина
- Повраќање
- Дијареја
- Запек
- Проблеми со желудникот
- Нагон за повраќање
- Анксиозност и депресија
- Болки во абдоменот
- Силни главоболки
- Губење на меморијата
- Зголемена температура
- Потење
- Замор
- Несоница
- Проблеми со грлото
Како може позитивно да му влијаеме на Вагусот?
Постојат неколку начини на кои можеме позитивно да му влијаеме на овој нерв и сите се лесно применливи:
Длабоко дишење и медитација
Наједноставниот начин да го стимулирате Вагусот е со помош на техники за дишење. Кога вдишувањето трае неколку секунди повеќе од издишувањето, Вагусот праќа сигнали до мозокот да ја поттикне работата на парасимпатикусот.
Многубројни истражувања го докажуваат позитивното влијание на техниките за дишење и медитацијата кои влијаат на квалитетот на сонот, ги ублажуваат болките и анксиозноста, како и проблемите со системот за варењето, а сите се директно поврзани со Вагусот.
Ладен туш
Завршете со секое туширање со ладна вода. Доволни се 30 секунди до 1 минута. Изложеноста на телото на ладна вода го стимулира нервниот систем, а со тоа и Вагусот кој потоа влијае врз парасимпатичкиот дел од мозокот.
Храна богата со триптофан (L-Tryptophan)
Триптофанот е есенцијална аминокиселина која учествува во производството на мелатонин и серотонин, ја подобрува работата на мозокот, односно комуникацијата помеѓу него и цревниот систем. Со еден збор – го зајакнува Вагусот.
Трипрофанот ќе го пронајдете во спанаќот, сусамот и семките од тиква, јаткастите плодови, бананите, урмите, спирулината, рибата, месото и јајцата.
(О)Милена | Црнобело