Дали пиете доволно вода во текот на летото?
Топлото време е совршено за ден на плажа, на базен или воопшто на отворено. Но, потребно е да не дехидрирате за да можете да уживате во овие активности.
Во текот на летото, телото губи повеќе течности, што значи се зголемува и ризикот од дехидрација.
Но колку всушност вода треба да пиете? Дали постојат и други начини да ја внесете покрај пиење? Можете да дознаете во продолжение.
Колку вода ви е потребно?
Ова зависи од вашата тежина и типот на вашето тело. Точното количество вода е различно за секого, но воглавно за активните возрасни личности доволно е околу 2 литри дневно. Со промената на надворешните температури, оваа скала може да се помести.
Но, доколку вежбате, внесот на вода мора да биде повисок. На мускулите им е потребно повеќе вода за да функционираат правилно и да ја задржат масата.
Во текот на летото телото се поти со цел да се разлади. Поради ова, важно е да ја надополните водата изгубена преку потта.
Најдобриот начин да го направите ова е да пиете вода во текот на целиот ден, а не само кога ќе почувствувате жед. Повеќето лекари препорачуваат до 2,7 литри вода за жени и 3,7 литри вода за мажи.
Знаци дека пиете малку вода
Бојата на вашата урина може да ви каже дали пиете доволно вода. Бојата на урината би требало да има нијанса на лимонада, а доколку е потемна, треба да пиете повеќе вода.
Заморот, сувата кожа, болките во мускулите, констипацијата и вртоглавицата се исто показатели за дехидратација.
И вашата возраст може да влијае на дехидратацијата. Имено, како што старееме, поретко ја забележуваме жедта. Механизмот за жед слабее, па добро е да ви стане навика да пиете вода во текот на целиот ден.
Други начини за внесување вода
Јадењето храна со високо количество вода може да ви помогне да ја спречите дехидрација. Овошките и зеленчукот се одлични за ова.
Во лето, лубеницата е најдобриот избор. Краставиците, целерот, брокулата и спанаќот исто ќе ви бидат од помош. Исто така можете да јадете и гаспачо, студена супа со зеленчук.
Постојат многу дебати за додавање електролити во водата и пиење вода со висока рН вредност. Електролитите и минералите помагаат во балансирањето на водата во телото, како и на рН вредноста.
Дестилираната, филтрираната и изворска вода се добри опции. Истото важи и за водата со електролити и висока рН вредност. Доколку вежбате често или се потите многу, водата со електролити ќе ви годи.
Ако, пак, сакате газирана вода, имаме добри вести и за вас. Газираната вода со вкус може да ја пиете, но сепак, не како замена за обичната.
Спирова С. | Црнобело