Како да се справите со најчестите проблеми кои се последица на високите температури во лето?
Со сончевите, топли денови се појавуваат и сезонски здравствени проблеми. Од труење со храна и проблеми со очите, до изгореници од сонцето.
Со овие неколку практични совети дознајте како да ги преживеете жешките летни денови и како да ги избегнете најчестите проблеми кои доаѓаат со нив.
Проблеми со очите
Видот често го земаме здраво за готово. Повеќето луѓе ќе се сетат да ја применат кремата за сончање пред да излезат надвор, но ќе ги заборават очилата за сонце. Сонцето може да му наштети на окото дури и кога денот е облачен, имајте го тоа на ум.
Постојат многу очни болести, кои се јавуваат поради изложување на сончева светлина. За да се заштитите неопходно е да носите квалитетни очила за сонце кои го штитат окото од УВ зрачење.
Светлината се мери со нанометри, а УВ зраците се движат од 320 до 390 нанометри. Ако очилата имаат „CE“ ознака (Европскиот стандард за УВ заштита), ова значи дека не пропуштаат повеќе од пет проценти од УВ зраците под 380 нанометри.
Уште еден знак кој треба да го барате е УВ 400, што значи дека очилата штитат од УВ зраци под 400 нанометри.
Труење со храна
Лето значи - скара и салата. Ова е, се разбира, супер комбинација, но ризикот од труење со храна се зголемува ако храната не се одржува правилно и ако не е термички обработена.
Симптомите обично почнуваат неколку часа по јадење, почнувајќи од благо гадење, повраќање и дијареја, до тешко труење, придружено со зголемена температура, дехидрација, болки во стомакот, лоша столица.
Што можете да направите да избегнете труење? За почеток, не јадете брза храна. Внимавајте намирниците што ги користите да се измиени, термички обработени и складирани во фрижидер.
Изгореници од сонце
Доволно е да поминете еден час на сонце без заштита. Првиот знак на изгореници е топла кожа на допир, а понекогаш можат да се појават и пликови.
За да се ослободите од болка, туширајте се со млака вода и нанесете млеко за тело. Доколку имате треска, главоболка, гадење или осип побарајте медицинска помош.
Изгореници од сонце се опасни бидејќи предизвикуваат трајно оштетување на кожата, што во најлош случај може да доведе до рак на кожа.
Користете соодветна крема за сончање и избегнувајте изложеност на сончева светлина помеѓу 11 часот наутро и 5 часот попладне.
Исцрпеност и топлотен удар
Кога се потиме телото брзо ја губи водата. Затоа е важно кога е топло да внесувате доволно течности, дури и кога немате чувство дека сте жедни.
Ако чувствувате слабост, најдете климатизирано место и пијте вода. Би требало да ви биде подобро во рок од половина час.
Најсериозниот здравствен проблем, кој може да предизвика висока температура, е топлотен удар. За оваа состојба е потребна медицинска помош, бидејќи може да доведе до оштетување на мозокот и смрт.
Се јавува кога телото повеќе не може да ја регулира сопствената температура, во комбинација со дехидрација. Симптомите вклучуваат гадење и повраќање, конфузија, дезориентација, пулсирачки главоболки, општа слабост, брзо отчукување на срцето, бавно дишење и постојано потење.
Ашера | Црнобело / фото: depositphotos.com