Како да се справите со прекумерното потење во лето?
Дали потењето ви претставува огромен проблем во текот на топлите летни денови? Ако одговорот е да, верувајте дека не сте сами.
Во овој случај голема е веројатноста да ја имате состојбата позната како хиперхидроза, односно прекумерно потење. Ова нарушување се појавува кога нервите што ги контролираат потните жлезди стануваат преактивни.
Стресот, анксиозноста, лекарства и состојби како менопауза и дијабетес можат да бидат некои од причините за ова нарушување.
Покрај тоа, прекумерното потење може да биде вистински проблем, а товарот најчесто е психолошки, емоционален или социјален. Неретко луѓето можат да се оддалечат од другите и да страдаат во тишина.
Доколку и вие се соочувате со оваа состојба, најдобро е да одите на лекар. Дотогаш, пробајте некој од овие совети што се препорачани од професионалци.
Ограничете го кофеинот
Истражувањата покажуваат дека пиењето една или две шолји кофеински пијалак пред вежбање може да го зголеми потењето.
Кофеинот го возбудува нервниот систем, па обидете се да го ограничите неговиот внес доколку потењето ви претставува проблем.
Чај од жалфија
Познато е дека жалфијата може да го намали чувството на топлина, а чајот од оваа билка може да ги намали симптомите на хиперхидроза.
Иако истражувањата се ограничени, многу лекари тврдат дека жалфијата им помогнала на нивните пациенти.
Се препорачува да пиете чај направен од 3 грама сушена жалфија, потопена во шолја врела вода. Чајот се пие три пати дневно. Ако ви е премногу топло, можете да го пиете и ладен.
Намалете ја напнатоста
Справувањето со стресот и анксиозноста можеби нема да ја отстрани медицинската причина за прекумерното потење, но може да го пречи потењето предизвикано од емоционалните реакции.
Доколку не можете самите да се справите со напнатоста, секогаш можете да побарате помош од терапевт. Исто така можете да пробате активности како јога или медитација.
Набавете антиперспирант
Дезодорансите го прикриваат непријатниот мирис, додека антиперспирантите ги блокираат потните жлезди. Доколку не ви помагаат обичните антиперспиранти, вашиот лекар може да ви препише посилен продукт.
Не заборавајте да го прочитате упатството за употреба за максимален ефект на продуктот. Овие производи најдобро функционираат кога се нанесуваат навечер.
Лекарства
Доколку сте пробале антиперспиранти, но безуспешно, вашиот лекар може да ви препорача и некои лекарства. Најчестите лекови против хиперхидроза го блокираат сигналот што го започнува потењето.
Тие функционираат низ целото тело, што ги прави навистина ефективни. Но, сепак, имаат неколку несакани ефекти како сува уста, замаглен вид и неправилен пулс.
Па, секогаш разговарајте добро со вашиот лекар за да го најдете вистинскиот лек за вас. Ниската, контролирана доза може да го намали потењето без целосно да се отстрани способноста за потење.
Спирова С. | Црнобело