„Не ми вели дека не изгледам болна - имам кошмари, анксиозна сум, се препотувам“
Робин Мур била сексуално нападната, а години подоцна се бори со пострауматско стресно нарушување и ја иритира кога ѝ велат „Не изгледаш болно“.
„Не изгледаш болно“ е фраза со која постојано се соочуваат голем дел од луѓето со ментални болести. Луѓето мислат дека ако нешто не може да се види, тогаш тоа не постои.
Робин Мур (43) има пострауматско стресно нарушување. Тешки настани во нејзиниот живот направиле да го има овој тип на анксиозност, а таа се соочува со кошмари, враќање пред очи на ужасни спомени и физички симптоми како болка, препотување, чувство на изнемоштеност и тресење.
На Робин ѝ била дијагностицирана оваа состојба во 2016, откако години претходно била цел на сексуален напад.
Таа почнала комплетно да се повлекува од животот и вели дека луѓето не сфаќале колку големо влијание има оваа ментална болест врз неа, па тоа ѝ ја отежнувало ситуацијата.
„Ми велат дека само барам внимание и често ме прашуваат „Зошто си толку повлечена и плачеш постојано?“. Тоа прави да се чувствувам некомфорно и како да морам да ги кријам емоциите во себе.
Само затоа што немам видливи лузни, не значи дека тие не се таму.
Токму предрасудите ме спречуваа со години да побарам помош, но зборувањето, терапијата и играњето тенис променија сè.
Порано бев засрамена од тоа што ми се случи, како и од симптомите кои ми се појавија потоа, сакав само да се повлечам и да се предадам. Тие се влошуваа со текот на времето, а во 2016 година дури и престанав да одам на работа.
Се борев со мојот ум многу години, но на крајот не можев да се справам. Сфатив дека ако побарам помош од некој, не значи дека не сум успеала, туку значи дека повеќе не сум сама.
Со поддршката од семејството и пријателите почнав да одам на психолог секоја седмица. Преку разговорите со него одново ја открив својата љубов кон тенисот и тоа ме спаси.
Тенисот ме оттргнува од константната битка во мојата глава и најважно веќе не се чувствувам осамено. Сега, сакам и на други луѓе да им помогнам да ги надминат своите лични предизвици. Бидете активни, најдете нешто што го сакате и нема да се чувствувате толку изолирано.“
С. С. | Црнобело