Анорексија и булимија: Зошто се јавуваат нарушувања во исхраната?
Според истражувањата, постојат разни фактори кои можат да бидат причина за нарушување во исхраната и незадоволство со сопственото тело. Познати се биолошки, генетски, психолошки, социокултуролошки и семејни фактори.
Кај биолошките фактори, најчесто станува збор за абнормална функција на делот од хипоталамусот одговорен за контролирање на јадењето, сексуалната активност и менструалниот циклус. Сепак, сè уште не е познато дали ова нарушување е причина за анорексија. Генетските фактори покажуваат дека постои наследување на нарушувањето, но не може со сигурност да се каже дека и ова е услов.
Психолошките фактори најпрво ја вклучуваат ниската самодоверба, како и чувство на недостаток од контрола, депресија, анксиозност, гнев или осаменост. Луѓето со нарушување во исхраната често страдаат и од депресија.
Будењето на сексуалноста може да им биде навистина болен период. За нив храната е опасна бидејќи имаат патолошки страв од дебелеење. Токму поради овој страв тие го „контролираат“ внесот на храна. Неретко овие луѓе се казнуваат со изгладнување, се прејадуваат и повраќаат за да го одржат учеството на контрола над себе или над животот.
Фактор можат да бидат и семејните и личните односи, тешкотиите во искажувањето емоции, исмејување поради физички недостатоци, како и историја на некој вид малтретирање. Наводно, нарушувањата во исхраната често се појавуваат кај луѓе чии родители имаат високи очекувања. Нарушувањето во исхраната е одговор на наметливиот став на родителите, поради кој детето станува навистина чувствително на нивните очекувања и потреби. Истовремено се соочува со проблемите во адолесценцијата, па често се чувствува изгубено, празно и немоќно.
Родителите со нивното постојано влијание врз изборите на детето му ја одземаат моќта и автономијата. Не му дозволуваат да го истражи светот на сопствен начин и самостојно да се справува со околностите. Како последица, кај детето се јавува чувство на недоволност и неадекватност.
Во овие случаи, наместо да се проучува само однесувањето на болниот поединец, се набљудува однесувањето и комуникацијата во целото семејство. Потоа се истражува кои интеракции и однесувања можат да се поврзат со нарушувањето во исхраната, со цел да се променат.
Социјалните фактори кои можат да бидат причина за нарушување во исхраната се културните притисоци кои го слават слабиот изглед и создаваат вредност на добивањето „совршено“ тело. Исто така, овде спаѓаат и социјалните дефиниции за убавина кои вклучуваат само мажи и жени со одредени тежина и облик на тело, како и културните норми кои ги вреднуваат луѓето само според физичкиот изглед. Сите сме сведоци на култот за убавина што го слави слабиот изглед.
Нарушувањата во исхраната се директно поврзани и со одредени диети. Премногу строгите диети предизвикуваат физиолошки промени на многу телесни системи, но и когнитивна дисфункција. Сето ова, кај одредени луѓе може да резултира со анорексија.
Едно истражување покажало дека луѓето кои држат екстремни диети имаат 18 пати поголеми шанси за развој на клиничко сериозно нарушување во исхраната, во период од 3 години. Исто така, бројни истражувања покажале дека врз основа на опседнатоста за својата тежина во раната адолесценција, може да се предвиди јавувањето на симптоми на булимија во временски период од 4 години.
Спирова С. | Црнобело