Лоши одлуки, раздразливост: Што сè му прави недостатокот од сон на вашиот организам?
Истражувањата покажале дека само во САД, третина од возрасните не спијат доволно и квалитетно. Веројатно веќе знаете дека недостатокот од сон може да предизвика ужасни проблеми со здравјето.
Возрасните треба да спијат 7 до 9 часа секоја вечер, но сепак не си го овозможуваат ова. Некои велат дека е поради работа, други поради семејството.
Невролозите често предупредуваат дека колку пократко спиете, толку пократок ќе ви биде животот.
Па, погледнете ги сите последици врз вашето здравје од недостатокот од сон:
Рак
Недостатокот од спиење е поврзан со зголемен ризик од рак, особено на дојката и дебелото црево.
Стареење на кожата
Научниците тврдат дека хроничните проблеми со кожата можат да се влошат со недостаток од спиење. Исто така, штетата од сонце заздравува побавно кога не спиете доволно, што резултира со нејзино стареење.
Дебелеење
Луѓето кои не спијат доволно често консумираат калорична храна, бидејќи им е потешко да се контролираат. Најверојатно, причината за ова е хормоналната нерамнотежа. Овој начин на исхрана може да води до дебелеење или висок индекс на телесна маса.
Осаменост
Некои истражувања покажале дека недостатокот од сон може да го засили чувството на осаменост. Ова, пак, започнува циклус на постојано изолирање.
Проблеми со краткотрајната меморија
И вашата меморија страда кога не спиете доволно. Возрасните кои не спијат доволно потешко се досетуваат на зборови и потешко ги подобруваат нивните вештини.
Проблеми со долготрајната меморија
Кај постарите луѓе, недостатокот од сон може да резултира со структурни промени на мозокот и оштетување на долготрајната меморија.
Алцхајмерова болест
Кога сме будни, нашиот мозок го акумулира протеинот бета амилоид. Кога спиеме, неговото количество се намалува. „Таложењето“ на овој протеин е поврзано со Алцхајмер.
Луѓето кои не спијат доволно имаат поголемо количество од протеинот во мозокот, со што се зголемува ризикот од појава на Алцхајмерова болест.
Болести на срцето
Недостатокот од спиење може да има негативно влијание врз здравјето на кардиоваскуларниот систем. Луѓето кои се будни над 88 часа, имаат значително повисок крвен притисок. Зголемениот крвен притисок бил забележан и кај луѓе кои спиеле само по 4 часа навечер.
Раздразливост
Луѓето кои не спијат доволно се изложени на повеќе стрес, а ова прави да се чувствуваат раздразливо.
Халуцинации
Двојниот вид и замаглувањето се само некои од проблемите кои доаѓаат со недостатокот од сон. Доколку долго време имате проблеми со спиењето, можат да се појават и халуцинации.
Забавено време на реакција
Истражување во кое учествувале универзитетски атлети, покажало дека нивното време на реакција било значително забавено кога биле изморени и ненаспани.
Несмасност
Недостатокот од сон ќе ве направи и несмасни. Се открило дека хирурзите имаат до 32% поголеми шанси да направат грешка при операција кога не се доволно наспани.