Дали драстичната промена на тежината е поврзана со деменцијата?
Според едно истражување од Јужна Кореја, драстичното слабеење или дебелеење во подоцната животна доба може да го зголеми ризикот од деменција за 25%.
Мажите на возраст од 60 до 79 години, чии индекс на телесна маса се зголемил за 10% во текот на две години, имале поголем ризик за деменција за дури 25%. Оние пак кои ослабеле, биле изложени на поголем ризик од деменција за 26%.
Кога станува збор за жените, промената на тежината го зголемила ризикот од деменција за 15% до 17%.
Во истражувањето учествувале 67.000 испитаници, а експертите сметаат дека драстичната промена на телесната тежина може да ги оштети крвните садови и да има влијание врз хормоните. Ова пак е поврзано со зголемениот ризик од деменција.
„Добивањето и губењето килограми може да биде значаен ризичен фактор поврзан со деменцијата. Нашите резултати покажуваат дека контролата на телесната тежина и одржувањето на здравиот начин на живот е корисно во превенцијата, дури и подоцна во животот“, изјавил професор Џин Вон Квон кој работел на истражувањето.
„Здравата телесна тежина во кој било момент од животот може да има важни здравствени придобивки, вклучувајќи ја и контролата на ризичните фактори за деменција, како што се дијабетес и висок крвен притисок“, објаснила доктор Јана Воит од Велика Британија.
Спирова С. | Црнобело