Првут - сериозно нарушување и многу повеќе од естетски проблем
Pityriasis Capitis во секојдневниот говор познат како првут е проблем со кој се соочил секој од нас, барем еднаш во животот. За некои пак „снегулките“ во косата претставуваат секојдневна борба.
Во суштината на проблемот се крие прекумерно лупење на кожата. Тенките и мали лушпи кожа на почетокот се изделуваат околу самиот корен на косата, а подоцна се разлетуваат и надолу, сè до нашата облека. Ваквите лушпи од кожата вообичаено имаат сивкасто-бела боја.
Покрај тоа што првутот е непријатна појава од естетски причини, тој се јавува како последица на нарушување на работата на скалпот.
Обновувањето на кожата претставува природен процес на кој не му обрнуваме премногу внимание сè додека не се наруши ритамот на неговата работа. Но кога лупењето и паѓањето на изумрените клетки од површинскиот слој на кожата се забрзува, а особено кога истото е проследено со зголемено излачување на себум, чешање и црвенило, потребно е да побарате професионален совет за лекување.
Првутот може да асоцира и на некои кожни болести на скалпот, како на пример себореичен дерматит, а може да биде поврзано и со прекумерното лачење себум. Во зависност од начинот на лупење на скалпот се разликуваат 2 типа на првут:
Мрсен првут
Лушпите на кожата не паѓаат по нејзината должина или на облеката туку остануваат „залепени“ на скалпот заедно со вишокот себум на кожата. Овој вид на првут е проследен со силно чешање и црвенило, а во голем дел од случаите предизвикува и опаѓање на косата. Доколку се занемарува подолго време, мрсниот првут може да ја предизвика појавата на себореичен дерматит.
Мрсниот првут може да се јави повеќе пати во животот или во одредена етапа.
Сув првут
Се јавува на дехидриран скалп и слично како и кај мрсниот првут се одвојуваат мали лушпи од кожата на главата. Меѓутоа, појавата не е проследена со чешање или црвенило. Косата не паѓа ништо повеќе од вообичаено, но лушпите се разлетуваат наоколу и овој тип претставува огромен естетски проблем.
Сувиот тип на првут најчесто се јавува сезонски, повеќе во текот на зимата, отколку во пролетниот и летниот период.
Зошто се појавува првутот?
Појавата на првут се поврзува со неколку важни фактори:
- Исхрана
- Метаболизам на маснотии
- Дигестивни нарушувања
- Психички проблеми
Доколку имате еден или се соочувате со повеќе од наведените проблеми, првутот може да се јави во кое било време од годината и доба во животот.
Како да го победите првутот?
На пазарот ќе пронајдете многу шампони и лосиони против оваа непријатна појава. Дел од нив содржат состојки кои спречуваат размножување на микроорганизми, а други пак поефикасно го поттикнуваат одвојувањето на мртвите клетки на кожата, воспоставувајќи нормален ритам на обновување.
Важно е да одберете средство кое успешно ќе се справи со прекумерното лупење на скалпот, но што истовремено нема да ја надразни и пресуши кожата и косата.
Но, освен добриот препарат, промената на некои навики исто така ќе придонесе за успешно справување со проблемот.
На што да обрнете внимание?
- Балансирана исхрана со многу вода, овошје, зеленчук, риби и белковини. Се советува да се избегнува мрсна храна и алкохол. Аминокиселините и витаминот Б ќе помогнат во воспоставување на рамнотежата на работата на скалпот.
- Претерувањето со употребата на хемиски препарати може да предизвика поголема штета одошто корист. Премногу гел, пена, лак или сув шампон можат дополнително да ја вложат состојбата со првутот. Производите за стилизирање сведете ги на минимум, а особено избегнувајте ги оние на маслена база бидејќи предизвикуваат силно чешање.
- Секојдневното миење на косата уште толку ја влошува состојбата со првутот. Доколку веќе мора да го правите тоа, мијте го скалпот со благи шампони, наместо агресивни кои дополнително ќе го пресушат.
- Капите и шеширите се пријатели на првутот, односно непријатели на здравиот скалп. Носете ги само доколку ви се вистински неопходно, односно кога е премногу ладно надвор. Тие дополнително го потат и замрсуваат скалпот.
Доколку и покрај сите преземени активности не гледате резултати, време е да се обратите на дерматолог кој ќе ви помогне со проблемот наречен првут на косата.
Откријте: Природни домашни лекови против првут
(О)Милена | Црнобело