5 начини да ја победите главоболката
Главоболката е вистински уништувач на забави. Прекрасен сончев ден може да ви го претвори во пекол и да ве натера да се повлечете во темна соба и да отспиете.
Но, во деновите кога немате опција да ја „прележите“ главоболката, има неколку можности на кои треба да им дадете шанса.
Етерични масла
Обидете се со пеперминт, лаванда или рузмарин. Не е дека само убаво мирисаат - невролозите велат дека докажано помагаат во ублажување на главоболката. Доволно е да капнете неколку капки од овие масла на ладно памучно крпче и да го ставите на челото или слепоочниците.
Топла или ладна компресија
Кога ќе почувствувате дека болката надоаѓа, веднаш помислете на компресија. Поентата е во тоа што притискајќи на главата ги стимулирате нервните завршетоци на лицето и скалпот, што праќа сигнал до мозокот привремено да се намали болката.
Ваше е дали претпочитате ладна или топла компресија, но поголем дел од луѓето би се одлучиле за ладна.
Ѓумбир
Заедно со главоболката неретко доаѓа и чувство на гадење. Помогнете си со шолја чај од ѓумбир. Ѓумбирот има антивоспалителни својства, а некои доктори дури и препорачуваат да ставите парче ѓумбир на челото помеѓу веѓите за да ја намалите болката.
Суплементи
Главоболката е знак дека нешто не е во ред во вашето тело. Суплементите како додаток во исхраната, особено витаминот Б2 и коензим Q10, веројатно нема да ја прекинат главоболката во истиот момент, но доколку редовно ги земате може да делуваат превентивно.
Магнезиумот е исто така ваш верен сојузник во борбата против главоболката бидејќи ја контролира работата на нервите и мускулите, а го намалува и нивото на кортизол кој е редовен причинител на мигрени.
Кофеин
Ова може да биде добар изговор за уште една шолја кафе - имено, кофеинот ги стеснува крвните садови во главата. Но, внимавајте, премногу кофеин има сосема спротивен ефект.
А. Ш. | Црнобело