Навики кои може да бидат знаци на ментално нарушување
Симптомите на менталните нарушувања не секогаш може лесно да се распознаат. Но, промените во секојдневните навики, како и предолгото применување на некоја, исто така може да бидат знаци за ментален проблем.
Кога знаете што барате, лесно ќе можете да забележите дали кај некој што е во ваша близина или кај вас самите се случува нешто што може да укаже на проблем. Одредена навика станува знак на ментално нарушување во моментот кога почнува да го контролира вашето физичко или психолошко однесување и го попречува нормалното живеење.
Овие навики доаѓаат во различни форми и не неопходно кај секого укажуваат на ментална болест. Но, ако забележите дека се проследени и со промени во карактерот, тогаш треба да посветите повеќе внимание на своето психолошко здравје.
Ова се некои од тие навики:
Желба за поминување повеќе време сами
Сосема е во ред да сакате да земете малку време за себе. Но, ако веќе почнувате да испуштате голем број важни настани и избегнувате да се дружите со семејството и пријателите, можеби имате епизода на депресија.
Јасен знак за тоа е и наглото губење на животна енергија, неуживање во хобијата и одбивањето да комуницирате со најблиските.
Испуштање работни задачи
Ако сте личност која секогаш ги приоритетизирала работните задачи, наглото губење на интересот за извршување на истите е еден од најпрвите знаци на биполарно растројство, покажале повеќе истражувања.
Луѓето кои се соочуваат и со анксиозност, не се чувствуваат способни да ги извршуваат работните задачи, кои од сосема едноставна активност, за нив станале нешто претешко.
Трошење многу пари
Нема ништо лошо во тоа да трошите пари за себе, сè додека тоа е во границите на вашите финансиски можности. Исто така, треба да го купувате она што ви треба, без претерување.
Ако забележите дека манијачки трошите големи суми пари на нешто што можеби воопшто не ви е потребно, тогаш тоа открива еден од аспектите на биполарното растројство. Размислете, можеби е време да побарате помош.
Губење и заборавање на предмети
Дури и во најнеуредната соба, оној кој ја користи лесно може да се снајде во нејзе. Но, ако ви е тешко да одлучувате, ако заборавате што треба да направите и ако губите значајни предмети, размислете дали можеби се соочувате со депресија.
Останување будни цела ноќ
И прекраткото и предолгото спиење сами по себе можат да бидат симптоми на ментално нарушување. Најчесто, анксиозноста ве остава будни цела ноќ или ви го прекинува сонот. Сè што е пократко или подолго од 6-8 часови ноќен сон, треба да ве загрижува и од физички и од ментален аспект.
Опсесивно-компулсивно однесување
Некои ритуали се нормални за нас, како што е јавувањето на родителите во одреден дел од денот, чување на клучевите во џебот или проверување на мобилниот телефон. Но, ако се забележите дека неколкупати во денот проверувате дали сте заклучиле, дали прозорците се затворени, дали шпоретот е исклучен или чешмата не тече, можеби имате опсесивно-компулсивно нарушување.
Пиење по работа
Некогаш навистина ни треба една чашка жесток пијалак за да ги смириме нервите. Но, лошото настапува ако секој ден ја имате истата потреба.
Не мора да напоменуваме дека во ваков случај постои ризик од алкохолизам, на кој му претходат анксиозност и депресија. Не двоумете се тоа да го кажете на својот доктор.
Е. Д. | Црнобело