Четири причини зошто имате иритација на вагината
Постојат стотици причинители на вагинална иритација, но четири од нив се најчести и треба најпрво од нив да се заштитите.
Чувството е навистина непријатно и невозможно за игнорирање, особено кога не ви е јасно што точно го предизвикува. Иритацијата често е симптом на посериозен проблем предизвикан од внатрешна инфекција или реакција на надворешен фактор.
Имајте на ум дека доколку сето тоа станува болно и го чувствувате дека ви се случува внатре во телото, морате најитно што можете да посетите гинеколог.
Ова се четирите најчести причини за иритација на вагината:
Габична инфекција
Габичната инфекција се манифестира со зголемено присуство на габичката кандида и може да се појави и кај млади девојки и кај повозрасни жени. Влажните услови дополнително ја влошуваат иритацијата, а доколку инфекцијата се појави во лето, може да биде навистина непријатна поради зголеменото потење и топлината.
Бактериска инфекција
Симптомите се слични како и кај габичната инфекција, освен што може исцедокот да биде обоен, да мириса непријатно и да има сомнителна текстура. Во глобала, и бактериската инфекција предизвикува чешање, непријатност и црвенило на кожата.
Алергиска реакција
Кожата на вагината е многу почувствителна за разлика од онаа, на пример, на рацете. Поради тоа може да реагира дури и на промена на вообичаениот вид на тоалетна хартија кој го користите. Ситуацијата може да се влоши и поради сапуни, парфимирана тоалетна хартија, хигиенски влошки, детергенти, тампони или од материјалот од кој е изработена долната облека.
Вагинална сувост
Најчеста е кај повозрасните жени, но може да се појави и кај младите, особено ако има промени во хормоналниот статус, но и поради депресија, стрес, поради цигари, за време на доење, па дури и за време на бременост. Најчесто лекот е во лубрикантите на база на вода.
Е. Д. | Црнобело