Лекарски прегледи кои мора да ги направите ако подолго време не сте биле на лекар
Сè додека здравствената состојба видно не се влоши, многу луѓе воопшто не ни одат на лекар, а со тоа дозволуваат симптомите да се влошуваат.
Ако и вие сте од оние кои подолго време не биле на редовен лекарски преглед, време е на почетокот на оваа година да го направите тоа, почнувајќи од генерален преглед, па сè до проверка на конкретни параметри.
Затоа, сетете се на сите проблеми, болки и симптоми кои сте ги имале во последните една до две години и јавете се кај вашиот матичен лекар, за да ви закаже:
Генерален преглед
Вашиот матичен лекар ќе ви направи општ преглед и ќе ги внесе сите евентуални промени во здравствениот картон. Потоа, може да ве упати на лабораториски прегледи на крвта и урината.
Мерење на крвниот притисок
Крвниот притисок треба редовно да се контролира, особено ако во семејната историја имате случаи со висок или низок притисок. Оваа услуга можете да ја добиете и во некои аптеки.
Тест за сексуално преносливи зарази
Одредени зарази може да останат во вашиот организам подолг период и да не предизвикаат никакви симптоми. Но, ваша одговорност е еднаш годишно да го правите тој преглед, дури и ако со години имате само еден партнер.
Проверка на холестеролот
Нивото на холестеролот би требало да се проверува еднаш на пет години, доколку резултатите се добри и почесто, доколку има несакани промени. Почнете од својата 20-та година, особено доколку имате случаи со висок холестерол во семејството.
Проверка на оралното здравје
Еднаш до двапати годишно потребно е да вршите контрола на здравјето на вашите заби, но и усната шуплина во целост. По потреба, вашиот стоматолог ќе изврши чистење на забниот камен, ќе направи снимка на вилиците и ќе провери дали има други промени.
За жените, гинеколошки преглед
Вашиот гинеколог ќе ве упати колку често треба да доаѓате на прегледи, во зависност од тоа каква дијагноза сте имале последниот пат. Не го занемарувајте своето интимно здравје, бидејќи само со редовни прегледи ќе можете да ги детектирате сите абнормални промени во грлото на матката или во самата матка.
Тест за ХИВ
Исто како и за полово преносливите зарази, така важи и за ХИВ. Направете го тестот барем еднаш во животот, доколку сте сексуално активни. Врз основа на него, ќе знаете дали сте во ризичната или помалку ризичната група.
Проверка на менталното здравје
Менталните проблеми веќе не се табу тема и нема ништо срамно во тоа да разговарате со психолог или психотерапевт, па дури и со психијатар.
Е. Д. | Црнобело