Дали сте под стрес или во депресија - како да процените?
Дали ве мачи чувство на тага и безнадежност, се чувствувате изолирано и неспособно да се поврзете со другите и не уживате во работите во кои вообичаено уживате?
Иако некои од симптомите се слични, сепак постои голема разлика помеѓу стресот и депресијата.
Депресијата е сериозен ментален проблем кој предизвикува долги периоди на тага и дури и суицидни мисли.
Стресот исто така е сериозна состојба, но неретко се прифаќа како дел од секојдневниот живот.
Најлесниот начин да се чувствувате подобро е да идентификувате со што точно се соочувате. Така ќе можете да почнете со грижата за себе и барањето на соодветен третман.
Главните разлики помеѓу стресот и депресијата:
Депресијата е болест со конкретно дефинирани симптоми, додека стресот е комплетно различна состојба, која кај секој човек се појавува поради сосема различни причини. Може да се случи поради притисок на работното место, финансиски проблеми, осаменост, семејни проблеми и мал милион други причини. Што за една личност е решлива секојдневна задача, за друга може да биде неверојатно тешка ситуација, која е извор на стрес.
Малата доза на стрес во секојдневието е неопходна затоа што таа нè мотивира, но кога тоа станува хронично и се претвора во анксиозност е лошо.
Анксиозноста предизвикува вашето тело да ја чувствува тензијата, срцето ви чука побрзо, може да чувствувате несигурност во колената, потење и чувство дека нешто ужасно ќе се случи, постојана загриженост итн.
И додека стресот ја зголемува шансата за појава на ментални проблеми, тој самиот не се класифицира како ментална болест, тврдат експертите.
Депресијата е лошо расположение кое трае долго и негативно ви влијае на секојдневниот живот. Некогаш долготрајниот стрес може да доведе до депресија, но не секогаш.
Депресијата може да предизвика физички симптоми како болки и акни, но и емоционални симптоми како проблеми со концентрацијата, меморијата и со начинот на кој се гледате себеси. Но, ова може да го предизвика и стресот. Главното што ја разликува депресијата е што имате чувство на тага и безнадежност, се чувствувате изолирано и неспособно да се поврзете со другите и не уживате во работите во кои вообичаено уживате. Некогаш има појава дури и на суицидни мисли.
На луѓето што страдаат од депресија им е потребна помош од експерти.
Ако забележите дека некој од вашето семејство страда од депресија најважно е да нагласите дека се грижите за него и дека слободно може да зборува со вас за сè што го мачи.
Не смеете да го осудувате, туку треба да го охрабрувате да прави работи кои може да му помогнат. Исто така треба да го убедите да побара медицинска помош.
С. С. | Црнобело