Зошто вашето тело прегрева и постојано ви е топло, а тоа не е менопауза?
Додека на едни постојано им е ладно и се пикаат во близина на грејните тела, други ако можат би си излегле од кожата. Но, што точно го прави тоа?
Често, жените заклучуваат дека се работи за хормоните, за месечниот циклус, или пак за менопауза.
Но, постојат многу други состојби поради кои може да имате напливи на жештина, а тоа не е менопаузата, ниту пак што било поврзано со репродуктивниот систем.
Сепак, пред прерано да ги обвините своите репродуктивни хормони, исклучете некоја од следниве состојби како опција:
Имате инсулинска резистентност
Ова значи дека вашето тело не може природно да ги одржува нивоата на шеќер во нормала, па реагира со потење и жешки бранови. Ваквата состојба може да укажува дека или сте пред дијабетес или сте резистентни кон инсулинот. Во секој случај, треба да се прегледате.
Тироидната жлезда е премногу или премалку активна
Ако тироидната жлезда има зголемено лачење на хормони, се забрзува и вашиот метаболизам и може да почувствувате дека ви е премногу топло. Слично се случува и доколку имате намалено лачење, што резултира со промени во телесната тежина и прескокнувања при работата на срцето.
Под стрес сте или сте анксиозни
Стресот и анксиозноста се докажано едни од најголемите предизвикувачи на нарушувањето на балансот на хормоните. Напливот на адреналин може погрешно да биде протолкуван како жештина.
Бремени сте
Во различни етапи на месечниот циклус, телото развива различна температура. Кога постои бременост, телото се топли повеќе бидејќи својата топлина треба да ја сподели и со плодот. Една третина од бремените жени чувствуваат интензивни напливи на топлина во почетните етапи од бременоста.
Сте внесле премногу кофеин во текот на денот
Многу луѓе имаат потреба од кофеин за да можат да функционираат продуктивно во текот на денот. Тој резултира со внатрешна топлина на телото, која ви дава погон, но ако не го искористите, ќе почувствувате дека ви е пожешко од обично. Токму поради ова и се препорачува намален внес на кофеин во почетокот на менопаузата.
Имате некаква инфекција
Без разлика дали се работи за стомачен вирус или пак некоја бактериска инфекција, вашето тело реагира со покачување на телесната температура, за да може да се избори со инфекцијата.
Е. Д. | Црнобело