Какви физички повреди може да ви предизвика кашлицата?
Во периодот на настинките и вирозите, еден од најчестите симптоми е и кашлањето, што на некој начин е исфрлање на воздух од белите дробови поради некоја иритација.
Кашлањето е рефлекс на телото за исфрлање на воздух низ дишните патишта, за прочистување на грлото од она што го надразнува. Во просек, кашлицата трае колку што трае и настинката или заболувањето, или неколку денови повеќе. Тоа е сосема нормално.
Но, доколку се случи да кашлате подолго од три недели и ако проблемот само се влошува, мора да се јавите кај вашиот лекар. Исто така, кашлицата што трае предолго може да предизвика сериозни физички повреди кои воопшто не се наивни.
Континуираното кашлање може да биде непријатно кога сте во друштво, да ви смета во спиењето, да ви предизвика главоболки, па дури и уринарна инконтиненција.
Што се друго може да предизвика?
Мускулни болки
Мускулите може да болат дури и по два-три денови настинка. Секогаш кога кашламе, нашето тело се згрчува и се активираат голем број мускули во телото, кои потоа болат.
Кршење на ребрата
Најзагрозени се луѓето кои имаат слаби коски. Иако овој случај е редок, сепак континуираната кашлица е оптоварување за ребрата и тие може да напукнат или да се создаде скршеница.
Оштетување на крвните садови
Силниот напор може да предизвика пукање на капиларите во носот, околу очите, па дури и кај аналниот отвор.
Оштетување на дијафрагмата
Дијафрагмата е клучна во полнењето и празнењето на белите дробови со воздух. Тоа е сложен систем на движења, кој кашлањето може да го наруши до степен дијафрагмата да напукне поради преголемиот напор.
Оштетување на грлото
Кашлањето го надразнува грлото и буквално го гребе, па тоа станува подложно на инфекции кои може да се пренесат и во другите делови од телото и да предизвикаат воспаленија.
Искашлување крв
Крв може да се искашлува и поради оштетувањето на слузокожата меѓу носот и грлото, но може да биде и поради иритација во душникот и белите дробови. Ако забележите крв во исфрлениот секрет, веднаш побарајте лекарска помош, дури и да ви се чини безопасно.
Е. Д. | Црнобело