Во Шкотска докторите ќе лекуваат со препишување „природа на рецепт“
Постои еден лек кој нема несакани ефекти и за кој не ви треба рецепт од доктор - природата.
Сега, докторите на Шетландските Острови во Шкотска добија дозвола да препишуваат „природа“ за пациентите со проблеми како висок крвен притисок, депресија, анксиозност, дијабетес, стрес и срцеви заболувања.
Препораките се: „закопајте го вашето лице во тревата“, „забележете ја секоја птица што ја гледате“, „креирајте структура од камења на плажата“, „почувствувајте ги ветрот и дождот на вашето лице“. Има дури и препораки на кои точно локации во Шкотска да се шета.
Според истражувањето на Environmental Health Perspectives, свежиот воздух и времето минато во природа го намалуваат крвниот притисок, анксиозноста, агресијата, болката, а ја зголемуваат среќата и го зајакнуваат имунитетот.
„Рецептите“ за активности во природа нема да ја заменат конвенционалната медицина , туку едноставно ќе бидат дополнување на нормалните третмани.
Целта на шкотските доктори е да ги охрабрат луѓето самите да влијаат на подобрување на своето здравје. Да се испрати јасна порака дека природата е добра за нас.
С. С. | Црнобело