Се забременува на секоја возраст, децата се раѓаат слаби и секогаш близнаци: Митови за ин витро оплодување
Иако вештачкото (вонтелесно) оплодување постои долго време, а во последниве години е многу популарно, сепак малкумина се доволно информирани за овој процес.
За ин витро оплодувањето постојат многу митови во кои луѓето веруваат, а всушност не се вистина и време е да ги заборават.
Секако, оние кои се заинтересирани за процедурата, се распрашуваат и информираат повеќе, но оние кои размислуваат за тоа, може да почнат да се „образуваат“ на оваа тема.
Или, едноставно прочитајте неколку митови за да имате општи познавања и можеби да споделите со некој близок.
Митови за ин витро:
Вонтелесното оплодување се прави во епрувета
Спротивно од верувањата, клетките за оплодување се чуваат во петриев сад.
Децата направени со ин витро се раѓаат слаби
Не постои гаранција дека децата ќе се родат силни или слаби, но сепак постапката е скапа и се работи професионално, со добра медицинска нега, а се бираат најсилните ембриони, па децата може да се родат здрави и цврсти.
Идните родители може да го изберат полот на детето
Ова не е целосна вистина, бидејќи за овој процес постојат одредени протоколи кои се следат насекаде во светот. Родителите може да го одберат полот, само ако сакаат да ризикуваат детето да наследи некое генетско заболување.
Со ин витро секогаш се раѓаат близнаци
Иако со ин витро е почесто да се добијат близнаци или повеќе деца отколку по природен пат, сепак тоа не значи дека секогаш е така.
Причината за тоа е што докторите најчесто не префрлаат само еден ембрион, туку 2 или 3, за да се зголемат шансите да се фати барем еден.
Но, многу често се случува да се фатат два, па токму затоа повеќето имаат близначиња.
Може да станете мајка на секоја возраст
Со вештачкото оплодување, и жените по 30-та и 40-та година успеваат да станат мајки, но тоа не е случај секогаш и не значи дека бременоста и годините не се поврзани.
Всушност, исто како и со природната бременост, колку е помлада жената, толку се поголеми шансите.
Децата родени со ин витро се најчесто неплодни
Ова е исто така неоснован мит, но не значи дека не може да се случи. Сепак, најчесто причината заради која се изложени на вештачко оплодување, е заради можноста за наследни заболувања поврзани со репродуктивниот систем.
Жените мора да лежат во кревет за ембрионите да се фатат
Мислењето на докторите е дека бремената жена независно дали по природен или вештачки пат, треба да се движи, и ако е сè во ред со бременоста, дури и да вежба, но во граници на нормалата и без посебен напор (сликата е исклучок).
Првиот обид е секогаш неуспешен
Иако често се случува да не се успее од првиот пат и да помине подолг период додека забремените, сепак во просек 30% од жените остануваат бремени од првиот пат.
Со ин витро се лечи неплодноста
Овој процес помага да се заобиколат проблемите со забременување, но не ги лечи.
М. М. | Црнобело