Ризични состојби кои може да бидат причина за рак на јајници
Јајниците се меки и со сунѓереста структура, па кога се нападнати од ракот брзо се уништуваат и тој лесно се шири на околните органи.
Симптомите може да бидат слични како на обичен ПМС, овулација или во најлош случај, ендометриоза, па затоа и тешко се дијагностицита.
Поради тоа, секоја жена мора да ги знае ризик-факторите за оваа тешка и фатална состојба, која од година во година носи сè повеќе животи.
Кај две третини од пациентките, ракот покажува видливи симптоми дури во четвртиот и петтиот стадиум, а често е проширен и на другите околни органи.
Ова се ризичните фактори и состојби на ракот на јајници:
1. Наследна генетска мутација
Се работи за мутациите BRCA1 и BRCA2. Присутноста на првиот предизвикува 44% поголема шанса за заболување, а на вториот 17% поголем ризик. BRCA1 е поврзан и со ракот на дојка, додека BRCA2 е ризик-фактор и за рак на кожа, на панкреас и исто така на дојка.
Доколку сакате, можете да направите генетско испитување за да знаете дали ги имате предиспозициите за оваа болест.
2. Семејна историја на болеста
Дури и да немате генетска мутација која сте ја наследиле од женските роднини, доколку имате два или повеќе случаи на рак на јајници во семејството, треба да бидете посериозни во зачувувањето на своето здравје. Тоа значи дека треба да одите на поредовни гинеколошки контроли, па дури и да барате испитувања за тумор-маркери.
3. Веќе не сте млади
Според статистичките податоци за досегашните случаи, ракот на јајници најчесто се појавува кај повозрасни жени, најчесто над 63-годишна возраст. Додека жената е помлада и редовно добива месечни циклуси, нејзиниот репродуктивен систем полесно се бори против генетските фактори и предизвикувачите на болеста.
4. Прекумерна тежина
Иако прекумерната тежина е проблем кој може да биде предизвикан од најразлични нарушувања, исто така е и ризичен фактор за рак на јајници. Кога жената има вишок килограми, јајниците се „мачат“ да излачуваат повеќе естроген, настануваат хормонални нарушувања, па на поодмината возраст сето тоа може да резултира со рак.
5. Примање хормонална терапија со естроген
Оваа терапија најчесто ја земаат жените во менопауза, за полесно да се навикнат на новата состојба. Но, чисто естрогенските хормонални терапии го зголемуваат ризикот за рак на јајниците. Ризикот е поголем доколку терапијата се земала неколку години по ред.
6. Ендометриозата
Ендометриозата сама по себе е голем проблем, но доколку ги зафати и јајниците тогаш предизвикува низа неповолни нарушувања. За жал, ракот е само едно од тие.
Секако, овој текст е од информативен карактер и не служи за самодијагностицирање. За најдобро зачувување на своето интимно здравје, секоја жена треба редовно да оди на гинеколошки прегледи и внимателно да ја следи својата состојба.
Е. Д. | Црнобело