Која е разликата помеѓу лошо спиење и континуирана несоница?
Многу луѓе кои 2-3 ноќи лошо спиеле веднаш се самодијагностицираат со несоница. Вистината е дека постојат разлики помеѓу хроничниот проблем со лошиот сон и периодичните несоници.
Речиси на секој му се случило во даден период да спие лошо или пак да помине една или две непроспани ноќи и потоа да се врати во ред.
Луѓето кои страдаат од хронична несоница имаат сериозно нарушување, кое им пречи во секојдневните активности.
На пример, тие не спијат доволно длабоко, се будат на секој звук, квалитетот на сонот е ужасен и се будат поуморни отколку кога си легнале. Тоа е многу различно од случаите кога сонот е спречен поради други фактори (патување, промена на средина, возбуда или тага).
Симптомите на несоницата се повторуваат на кратки периоди, додека на лошото спиење се често краткотрајни и се повторуваат на долги периоди или никогаш повторно.
Ова се петте клучни разлики кои ги разраничуваат овие две состојби:
Лошите навики пред спиење
Не секој кој лошо спие има несоница. Во голем процент врз неквалитетниот сон влијаат светлината од компјутерот, телефонот и другите електронски уреди, но и нерегулираната топлина во собата.
Кај оние со несоница, отстранувањето на овие пречки нема да помогне, додека кај оние кои лошо спијат, по кратко време ќе се види промена.
Причините за нарушениот сон
Постојат многу фактори кои го нарушуваат сонот. Доколку констатирате дека лошо спиете поради лекови, исхрана, 'рчење или бидејќи сте пиеле нешто кофеинско и благо кратко пред да си легнете, тогаш не страдате од несоница, туку од периодично лошо спиење.
На оние кои страдаат од несоница им е многу потешко да ги лоцираат причините зошто тоа се случува, па затоа и бараат стручна помош.
Траење на симптомите
Секако, некогаш лесно може да се згреши и да се доживува како несоница едната лошо проспиена ноќ. Во ваков случај треба да го следите траењето на симптомите.
Во просек, доколку лошо спиете повеќе од трипати неделно во тек на три последователни недели, тоа се симптоми на несоница.
Доколку се работи само за периодичен лош сон, симптомите ќе исчезнат по 7-10 денови или по многу пократок период од тој.
Колку време минувате во кревет
Кај оние со несоница може да се случи да бидат 10 часа во кревет, а да спијат едвај 3, додека другите се во кревет шест часа, а спијат 5 часа и 40 минути.
Кај вторите, пречките во спиењето најверојатно настануваат поради задоцнетото легнување или прераното будење. Првите, пак, имаат сериозен проблем кога не можат да го отспијат ниту половина од времето кога се во кревет.
Причините за стрес
Постоењето на причини за стрес кои не ви даваат мир е присутно и кога имате несоница и кога имате периодично лошо спиење.
Така, доколку причините за стрес се константни (лоша економска состојба, влошени односи со луѓе, физички или психолошки пречки), тие предизвикуваат несоница.
Од друга страна, тремата пред важна средба или друга состојба која ќе помине за еден или два дена, може да го нарушат сонот сè додека ситуацијата не се реши.
Е. Д. | Црнобело