Здрав начин на исхрана кој ефикасно ја елиминира кандидата
Веројатно поголемиот дел од вас сигурно знаат што е кандида и кандидијаза. Доколку не се третира, кандидата се шири низ телото и може да го наруши вашето целокупно здравје.
Здрав режим на исхрана во рок од еден до два месеци со соодветна терапија ќе го реши проблемот со инфекцијата. Ова значи дека само лековите не се доволни да се ослободите од оваа подмолна и здодевна инфекција.
Причини за прекумерен раст на кандидата
Кандидата е болест на модерното време и речиси нема лице кое не ги почувствувало негативните последици. Кандида е вид габа која е присутна во секој од нас.
Поради многу фактори, кога нејзиниот раст излегува вон контрола, тогаш започнуваат да се јавуваат проблеми.
Таа предизвикува габични заболувања на кожата, мукозните мембрани, ноктите и внатрешните органи и, како резултат на тоа, го нарушува општото здравје на организмот.
За да дојде до инфекцијата потребно е да се создадат услови за репродукција на оваа габа. Овој феномен се должи на модерниот животен стил и неправилната исхрана, и поради оваа причина кандидата ја етикетираат како болест на модерното време.
Лековите се, исто така, многу честа причина за инфекција со кандида, особено антибиотици, стероиди и антидепресиви.
Многумина од нас земаат антибиотици на своја рака, како на пример лек за обична настинка, не знаејќи дека можеме да предизвикаме многу нарушувања во телото.
Алкохолот, дијабетесот, стресот и депресијата исто така може да предизвикаат инфекција со кандида.
Кај кого најчесто се јавува кандидата?
Кандида е најчеста појава кај постарите лица, децата и бремените жени. Луѓето со помал имунитет, како и лицата со тумор, СИДА, леукемија и неисхранетост, често имаат проблеми со кандида.
Иако, денес, ова повеќе не е правило - практично СИТЕ можат да бидат загрозени, а причината е влошување на начинот на живот: многу стрес и простите шеќери во исхраната.
Симптоми на прекумерен раст на кандида:
- сува уста и јазли по јазикот
- габични инфекции
- проблеми со варењето и гасови во стомакот
- главоболка и хроничен замор
- болни менструации
- осип на кожата, разни акни, цисти, егзема, синдром на „атлетска нога“
- лоша концентрација, депресија, раздразливост, намалено либидо, несоница, желба за слатко.
Режим на исхрана против кандида
Препорачливо е кандидата да започне да се третира со детоксикација. Прочистете го телото со консумирање многу вода, чај и зеленчук зготвен на пареа. Ова ќе го подготви вашето тело за нов, редуциран, здрав режим на исхрана.
Исхраната против кандидијаза исклучува првенствено шеќери и бело брашно, како и брашно од цели зрна и ориз, со цел оваа диета да биде целосно ефикасна.
Обидете се да направите што е можно повеќе разновидни оброци кои нема да се повторуваат. Иако многу видови на храна се исклучени, во овој режим на исхрана, сепак остануваат и доволно опции од кои може да зготвите вкусни оброци.
Анти-кандида исхрана - храна која треба да ја исфрлите
- газирани и негазирани сокови, алкохол, кафе, оцет и црн чај
- овошје
- житарици и мешунки
- компири и печурки
- коренест зеленчук како морков и цвекло
- кечап и мајонез
- маргарин и квасец
- сушени и конзервирани производи, како и сите индустриски производи
- рафинирани растителни масла
Дозволена храна:
- месо и домашно суво месо
- риба и морски плодови
- сите зеленчуци кои растат над земјата, освен печурки
- јајца
- маслиново масло, сусам и ленено масло, како и здрави масти (од авокадо и јаткасти производи)
- куркума и други природни зачини
- домашен кефир и јогурт
- лимон и зелени јаболка
- супа
- вода, лимонада и незасладени чаеви
Бидејќи многу видови на храна се забранети во оваа диета, постојат неколку соодветни замени. Забраната за употреба на брашно е најголем проблем во оваа диета, па истото може да го замените со кокосово брашно или свежо мелени семиња.
Замената за компири е карфиол или брокула, а наместо тестенини јадете модри патлиџани или тиквички. Доколку морате да ја пржите храната, подгответе ја на путер или свинска маст.
Не заборавајте: Дадете си доволно време за да ја ставите кандидата под контрола. Јадете здрава и природна храна, избегнувајте стрес и со сигурност ќе излезете како победник од оваа непријатна здравствена состојба.
(О)Милена | Црнобело