На што сè се способни луѓето кои страдаат од мигрени?
Мигрената сама по себе воопшто не е забавна и на оној кој страда, во моментот кога има болки воопшто не му е до шега.
Иако воопшто не изгледаат така додека страдаат во агонијата на болки, овие луѓе имаат и ѕверски супермоќи, како што се насетување мирис оддалеку или точно предвидување на временската прогноза.
Погледнете на што сè се способни оние кои страдаат од оваа непријатна состојба:
1. Одлично сетило за мирис
За време на „нападите“, овие луѓе се пречувствителни на мириси, но истото се случува и кога немаат болки. Она што ги прави способни е што за време на нападот можат да почувствуваат т.н. фантомски мириси, односно да имаат мирисна халуцинација.
Така, од нив можете да чуете дека нешто мириса на скиселена зелка, на мувлосано сирење, на прегорен леб, па дури и на некој парфем со кој сигурно никој во околината не е намирисан.
2. Натчовечка толеранција на болка
За хронични мигрени се сметаат оние кои се појавуваат 15 или повеќе пати во текот на месецот. Замислете каков херој треба да биде некој за најмалку 15 дена месечно да поднесува болка еквивалентна на истовремено стегање на главата со менгеме и удирање со чекан во челото, проследено со очен притисок, пречувствителност, вртоглавици и мачнини.
Затоа, тие мора да развијат супериорна толеранција на болка, за да можат да функционираат без да завршат во болница.
3. Метеоролошки станици на две нозе (или легнати во кревет)
Луѓето со мигрени се чувствителни на временските промени, особено на воздушниот притисок. Секоја промена на времето врз нив делува како директен удар во центарот на мозокот, после што почнува болката да се шири кон челото, слепоочниците и/или темето на главата.
4. Некои од нив халуцинираат без да користат супстанци
Многумина од оние кои страдаат од хронична мигрена потврдиле дека се нашле во чудна состојба на халуцинација, што вклучува звук што не е таму, светлина, бои пред очите, чувство дека се во превозно средство, како и забележување на сопствената аура.
Некои искусуваат халуцинации поврзани со синдромот на Алиса во земјата на чудата, па се гледаат себе или светот помали или поголеми од тоа што се. Понекогаш, ова поминува брзо, но во други случаи може да биде екстремно непријатно.
5. Секогаш имаат очила за сонце или шапка
На овие луѓе им пречи светлината, топлината, мирисите, сончевото зрачење... Поради тоа, често можете да ги видите со очила за сонце дури и кога надвор е облачно. Нив, едноставно, им пречи светлината.
Затоа и седат во темни простории кога се соочуваат со нападите на екстремни болки. Кај некои дури се појавува и фотофобија, па редовно носат очила за сонце, дури и кога немаат болки.
6. Секогаш се подготвени за сè
Во нивните чанти можете да пронајдете лекови против болка, лекови за опуштање, суплементи, фластери за разладување, буквално сè што им помага за полесно да ја поднесат болката.
Тие се водат според едно мото: Надевај се на најдобро, подготви се на најлошо.
7. Тешко планираат
Бидејќи не знаат кога мигрената ќе „удри“, планирањето активност со нив може да биде навистина тешко. Но, имајте на ум дека секогаш кога откажуваат некој план, навистина не им е пријатно поради тоа.
Едноставно, не можат да издржат да бидатна места каде има премногу бучава, пресветло е, претопло или престудено и каде може непријатно да мириса. Полесно е да останат дома, отколку да се изложат на дразба која може да ја влоши состојбата.
8. Имаат емпатија кон вашата болка
Поради сето она што го поминале благодарение на својата хронична мигрена, тие сосема добро ги разбираат оние кои страдаат од каква било болка, па дури и сочувствуваат со нив.
А кој може да го направи тоа подобро од некој кој завршува во итна помош кога го боли главата?
Е. Д. | Црнобело