Дали знаете како да препознаете хипохондрик?
Сите нас во одреден момент од животот нè мачи помислата дека можеби сме болни од некоја тешка болест и дека здравјето ни е сериозно загрозено. Но, постојат и такви луѓе кои претеруваат со ваквите тврдења и нив ги нарекуваме хипохондрици.
Ќе ги препознаете по тоа што претерано реагираат на секој симптом, пребаруваат на интернет која тешка и ретка болест ја имаат, постојано се кај лекарот, креваат паника при секоја болка, а во суштина, се поздрави од секоја друга личност што ја познавате.
Хипохондријата сама по себе е исто така нарушување на здравјето, а можете да ја препознаете по следниве симптоми:
- Претеран страв и загриженост дека е присутна некоја болест.
- Загриженост дека дури и најситните симптоми се знак на сериозна болест.
- Зачестено одење кај лекар во врска со симптомите.
- Разговарање со сите за своите симптоми.
- Пребарување на симптомите на интернет и поставување дијагноза.
- Опсесивно читање теми поврзани со самодијагностицираната болест.
- Панични напади при помислата на здравствената состојба.
- Увереност дека за секоја болка, вртоглавица или сличен симптом постои тешка болест од која вие сте болни.
- Често проверување на виталните знаци како дишењето, пулсот и крвниот притисок.
- Неверување во лекарските наоди и честа потреба од второ, трето, четврто, па и десетто мислење.
Ако некого препознавте во овие описи, обидете се да му помогнете со тоа што ќе ѝ бидете поддршка на таа личност, но истовремено ќе и помогнете да се ослободи од неоснованите стравови.
Ако пак, ги препознавте овие симптоми кај себе, обидете се да не кревате паника и да не ги повторувате лекарските анализи кај повеќе доктори. Доколку немате сила самите да се изборите против ова нарушување, тогаш навистина ви е потребно стручно лице, кое ќе ви помогне да ја надминете ситуацијата.
Е. Д. | Црнобело