Полови болести кои тешко се откриваат, а може да бидат многу опасни
Половите заболувања се реална опасност за секое лице кое е сексуално активно. Иако користењето на заштита, особено при секс со непостојан партнер, е задолжително, постојат и такви полово преносливи зарази пред кои дури и кондомот е немоќен.
Токму поради ова, потребно е редовно да правите анализи и прегледи, особено доколку спаѓате во групата на личности кои уживаат во поотворен тип на сексуални односи и/или имате повеќе од еден партнер.
Некои од овие зарази имаат интензивни симптоми и лесно може да се препознаат, на пример ХИВ-от или сифилисот, но некои тивко го уништуваат вашиот организам внатре, но не покажуваат никаков знак дека постојат.
Ова се четири од најсуровите полово преносливи зарази, поради кои е потребно да бидете особено внимателни:
ХПВ
Постојат повеќе од 100 типови на ХПВ (хуман-папилома вирус), од кои дел се ниско ризични, а само четири се типови со висок ризик за здравјето (типовите 6, 11, 16 и 18). Поради ваквата распространетост на овој вирус, веројатноста да се заразите е голема, исто како и тоа дека нема да имате никакви физички симптоми, но ќе бидете преносител.
Некои видови ХПВ се манифестираат со генитални брадавици, но најголемиот дел не покажуваат видливи промени, туку може да се забележат промени при ПАП-тест. Затоа, за секоја жена која е сексуално активна, редовната посета на гинеколог и ПАП-тестот се задолжителни, за да може да се следи ситуацијата и навреме да се реагира.
Кламидија
Кламидијата предизвикува видливи симптоми, кои не се нешто особено различни од, на пример, нарушување на ПХ-вредноста во интимата. Можно е да почувствувате пецкање, чешање или незначајно зголемена количина исцедок, а додека да се појават повидливи симптоми може да поминат неколку недели.
Дури и ако друг пат ви се случувало чешање или пецкање, добро е при секоја појава да се посетува гинеколог, бидејќи ако кламидијата не се лечи на време, може да ја намали плодноста. Други симптоми, кои се доста ретки, но не смее да се занемарат, се крварења меѓу две менструации, болки во долниот дел од грбот и абдоменот и непријатно чувство при секс.
Гонореја
За разлика од кламидијата, гонорејата може да предизвика многу лоши последици по вашето здравје ако не се третира навреме, иако првичните симптоми се практично непостоечки. Меѓу нив се и ранички во грлото на матката, проблеми со целиот репродуктивен систем, пад на имунитетот, а во екстремните (и за среќа многу ретки) случаи, инфекции на крвта, мозокот, срцевиот мускул и зглобовите.
Кај трудниците може да предизвика предвремено породување, мала родилна тежина или спонтан абортус. Терапијата се состои од комбинација на антибиотици, препишана од страна на лекар.
Херпес
Иако кога ќе се спомне херпес помислуваме на видливи рани на кожата, во голем дел случаи воопшто не доаѓа до непријатни израстоци, па токму затоа често со години не е дијагностициран.
Најлесно се пренесува зараза кога има видливи ранички на кожата и може да се пренесе и при орален секс или задоволување со прсти, па затоа не можеме да се потпреме во целост на кондомите, бидејќи во ваквиот случај тие пружаат само ограничена заштита.
E. Д. | Црнобело